Ковачевски на 11 мај во работна посета на Брисел

Премиерот Димитар Ковачевски в среда ќе го посети Брисел, каде што ќе учествува на сега веќе традиционалната неформална вечера организирана од високиот претставник за надворешна политика ЕУ, Жозеп Борел, за лидерите од земјите од Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.

Како и обично, оваа неформална вечера има за цел да се разговара за главните прашања и предизвици со кои е соочен регионот, меѓу кои најчувствителни се Босна и Херцеговина и Косово.

Покрај вечерата, како што информираат македонски дипломати во ЕУ, премиерот Ковачевски ќе оствари и билатерална средба со Борел.

Истиот ден премиерот Ковачевски ќе се сретне и со неговиот белгиски колега Александер Де Кро.

Северна Македонија очекува одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамките на преговорите за членство, одобрени од страна на сите земји членки во март 2020 година, но Бугарија продолжува да го блокира процесот поради билатерални прашања.