Ковачевски : Процесот со Бугарија е на ниво на размена на идеи, но сѐ уште немаме заемно прифатлив документ

За последиците од руската инвазија и војната во Украина, како од економски, така и од енергетски и геостратешки аспект, за подготвеноста на земјава за справување со новите предизвици, за европската перспектива низ призмата на овие случувања, говори претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во интервју за МИА од Делфи, за време на учеството на седмиот Економски форум.

Премиерот Ковачевски ја предводеше нашата делегација, а во разговор со дописничката на МИА, ги пренесува впечатоците и пораките од неговото прво учество на Форумот, на кој доминантна тема беше светот по војната во Украина.

– Во светло на случувањата во Украина и воената агресија на Русија врз Украина, проширувањето на Европската Унија со земјите на Западен Балкан не е веќе прашање само на проширувањето, туку претставува и геостратешко прашање, истакна премиерот.

Во интервјуто тој открива до каде се енергетските проекти со соседна Грција, интерконекторот и терминалот за течен гас во Александруполи, детално објаснува која е стратегијата на Северна Македонија за справување со енергетските и економските последици, а одговара и на прашањето дали постои оптимизам за решение со Бугарија.

Интервјуто со премиерот беше направено непосредно пред средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и пред работниот ручек што претседателот на Владата на Грција го приреди за лидерите на земјите од Западен Балкан.

Премиере, го завршувате вашето учество седмиот Делфи економски форум, првпат сте тука, освен учеството на панел дискусијата, остваривте и низа средби. Она што во овој момент нè интересира е европската перспектива на Северна Македонија. Добивте ли некои пораки охрабрувачки?

– Ви благодарам за поканата за ова интервју. Секогаш е чест да се даде интервју за МИА.

Во однос на присуството на Делфи форумот, сметам дека ова е исклучително значаен регионален форум, меѓутоа и пошироко, бидејќи на него присуствуваат покрај земјите од регионот и САД на високо ниво. Јас во текот на овие два дена остварив средби, како со премиерите од регионот, со премиерот на Косово, со премиерот на Црна Гора, исто така и со претставникот на САД за Западен Балкан, господинот Ескобар и со низа други претставници. Се видов и со поранешниот премиер на Грција, Ципрас и со премиерот на Грција, господинот Мицотакис.

Нормално дека во центарот на разговорите беше европската перспектива на регионот и тука пред сѐ мислам на Република Северна Македонија и на Албанија, бидејќи ние сме две држави коишто ги имаат исполнето условите за отпочнување на првата меѓувладина конференција. Меѓутоа, заради предизвикот којшто Република Северна Македонија го има со Република Бугарија, сѐ уште таква одлука не е донесена од страна на Европската Унија и не е одобрена преговарачката рамка.

САД изразија јасна поддршка, исто како што го направи тоа и претседателот на Европската комисија, госпоѓа Фон дер Лајен на нејзината последна прес-конференција во Софија.

Ние, исто така, ја истакнавме нашата посветеност на евроинтеграцискиот процес на Владата и на сите политички партии коишто ја сочинуваат Владата и мнозинството граѓани во државата. За тоа сведочат нормално и сите наши одлуки коишто ги носиме во светло на актуелните политички и геостратешки случувања во Европа, особено агресијата на Русија врз Украина. И во тој дел сите изразија јасна поддршка на нашиот евроинтегративен пат.

Дали ситуацијата во Украина што ја споменавте, може на некој начин нас да ни помогне, да се забрза тој процес. Дали можеби тоа ќе биде на некој начин поттик за ЕУ да даде зелено светло, да се одржи првата меѓувладина седница и кога конечно ќе добиеме датум?

– Воената агресија на Русија врз Украина докажа дека мора да постои блиска соработка помеѓу земјите, особено помеѓу соседните земји, бидејќи таа блиска соработка која што се однесува на секаков вид на работење помеѓу две соседни земји и во економска и во политичка и во која било друга сфера на живеењето, значи дека се намалуваат шансите за каков било конфликт од поголеми размери помеѓу нив. Тоа го покажува и долгиот временски период на мир во Европа, особено помеѓу земјите членки на Европската Унија, коишто своите односи ги базираат на градење на висококвалитетни односи во сферата, пред сѐ, на економијата и заштитата на човековите права, социјалната правда и слободата на демократското однесување.

Во светло на случувањата во Украина и воената агресија на Русија врз Украина, проширувањето на Европската Унија со земјите на Западниот Балкан, не е веќе прашање само на проширувањето, туку претставува и геостратешко прашање, бидејќи овие земји тука, имаат јасна определба во однос на интеграција во Европската Унија. Ние и кога ќе го погледнеме и регионот, па и земјите од поранешна Југославија, веќе имаме четири земји коишто се членки на НАТО, имаме две земји коишто се членки на Европската Унија, што значи дека имаме јасна определба за нашите евроатлантски интеграции.

Како ќе влијае тоа врз брзината на приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија неблагодарно е да се прогнозира. Декларативно Европската Унија сака да го забрза тој процес. Исто така, и сите изјави на претставниците на САД се во таа насока. Сепак, пред нас има предизвик и отворени политички прашања со соседна Бугарија, коишто треба да се решат прво, а секако да се решат во духот на европските вредности и потоа можеме да зборуваме за одржување на прва меѓувладина конференција.

Постои оптимизам за решение со Бугарија?

– Јас во неколку наврати имам кажано дека сум човек којшто верува во целта, меѓутоа и работи да ја оствари таа цел. Ние уште на почетокот на мандатот на оваа Влада и тоа на првиот работен ден практично имавме средба со премиерот на Бугарија и потоа отпочнавме процес на формирање на работни групи, во различни области од економија, инфраструткура, култура, образование, европски интеграции, коишто значат многу за деловната заедница, за образовната заедница и воопшто за сите граѓани на теми коишто гледаат кон иднината, коишто го подобруваат и работењето во соработката помеѓу граѓаните и помеѓу институциите на двете држави. Министерствата за надворешни работи работат на политичките прашања. Меѓутоа во моментов, како и во изминатиот период процесот е на ниво на размена на идеи и сѐ уште не постои заемено прифатлив документ, којшто би можел да биде споделен за одобрување во двете држави на ниво на институции коишто тоа треба да го направат.

Говорејќи за војната во Украина, дали Русија можеби има некакво влијание на Западниот Балкан и во однос на европската перспектива. И од кај нас беа протерани руски дипломати, но и пред неколку дена и 12 од Грција. Постои ли влијание?

– Историски гледано Русија секогаш имала геостратешки интерес на Западниот Балкан и воопшто на Балканот и од секогаш биле присутни во овој регион. Истото се однесува и на други држави, како на пример на Република Кина, која што била тука присутна во изминатиот период и е присутна доминатно, преку свои инвестиции во инфраструктурата и тоа практично во сите земји во регионот. Меѓутоа, определбата на земјите од овој регион, тука јас можам да зборувам за нашата држава, на сите политички партии релевантни во државата, е јасна европска определба и јасна желба и активности во насока на интеграција во Европската Унија. Ние тоа сме го докажале преку хармонизација на нашето законодавство, преку воведување на принципите и вредностите на однесувањето во Европската Унија, што е потврдено низ четири последователни позитивни извештаи од страна на Европската Унија. Ние на таа определба ќе останеме.

Меѓутоа и во нашата држава, како и во други држави во регионот постојат поединци, меѓутоа постојат и групи, постојат и политички партии во парламентите, односно во нашиот Парламент постои и надвор од Парламентот, коишто имаат јасна антиевропска и анти-НАТО определба. Меѓутоа, доминатното и расположение и јавно мислење и стратешката определба на Владата е европска интеграција. Сметаме дека тоа нема алтернатива, бидејќи Европската Унија е една од двете места практично во светот, покрај САД, каде што постои демократија во критичката мисла, каде што постои социјална правда и каде што постои економски просперитет, а тоа е она што нашите граѓани го бараат и тоа што го заслужуваат да го имаат во иднина.

Да преминеме на економскиот дел, на економските последиците од војната. Веќе се чувствуваат не само во регионот, туку и на европско, па и на глобално ниво. Колку ние како земја сме подготвени да се справиме со последиците? Почнавме со справувањето, меѓутоа не знаеме колку ќе трае војната и колку ќе траат овие последици. Колку сме подготвени како земја?

– Прво, економските последици од оваа војна во Украина се катастрофални за Европа. Ние гледаме дека цените на енергенсите имаат историски најголемо покачување. Цените на храната имаат историски најголемо покачување. Дури веќе се појавуваат и недостатоци на храна на европскиот континент, за што сведочат сите економски извештаи од сите држави. Недостатоци од енергенси особено од гас, резервите во Европа се на најниско можно ниво и тоа се последици коишто ќе се чувствуваат и во иднината пред нас.

Што повеќе трае војната во Украина и агресијата на Русија врз Украина, тие последици сѐ повеќе ќе се продлабочуваат. Вие гледате дека инфлацијата е искачена на највисоко историско ниво во Европа, тоа нормално е и кај нас пренесено, бидејќи нашата економија е мала и отворена и е доминатно поврзана со германската економија. Така, ако ги видиме стапките на инфлација во Германија, тие се идентични со она што го има во Република Северна Македонија.

Ние како држава се однесуваме исклучително одговорно кон нашите граѓани, пред сѐ и затоа беа донесени низа мерки уште пред почетокот на оваа година со намалувањето на ДДВ-то на електричната енергија, бидејќи енергетската криза веќе беше започната пред воените дејствија, а додека сега донесовме и пакет на антикризни мерки, 26 мерки коишто беа во насока на намалување на акцизата и ДДВ-то на нафтата и нафтени деривати. Благодарение на тоа имаме најниска цена на нафтата и нафтените деривати во регионот. Исто така, беа ограничени, прво беа замрзнати цените на прехранбените производи, а потоа беа и намалени и данокот на додадена вредност од пет проценти на нула проценти на основните прехранбени производи и ограничени малопродажните и големопродажните маржи со цел да не се дозволи и да се спречи ценовен шок за граѓаните, во што и успеавме.

Исто така, за најранливите категории на граѓани беа определени во Буџетот финансиски средства по 1000 денари месечно за да можат да ги покријат своите сметки. Ја покачивме минималната плата на 18.000 денари од 15.000 денари. И за споредба само, да споредиме со она што го имавме пред доаѓањето на Владата на Социјалдемократскиот сојуз и коалиционите партнери, која што беше двојно помала на ниво од 9.000 денари. Исто така, порасната е и просечната плата, а во најголемиот дел од секторите во државата во изминатите години платите беа покачени и за над 20 проценти низ изминатите три години. Сето тоа е забележано и од меѓународните финансиски институции, меѓутоа исто така и од регионалните медиуми и граѓани, практично давајќи ја Северна Македонија како позитивен пример на добро справување со оваа криза.

Сепак, јас знам дека нашите граѓани ја чувствуваат кризата, се работи за исклучително тешка економска криза, најголема повторувам, после Втората светска војна. Ние сите ресурси ги имаме насочено кон справување со истата, ги намаливме тековните трошоци во буџетот, ги ограничивме непотребните трошења како што се трошоци за репрезентација, трошоци за набавка на возила, на мебел итн. освен она што е најнеопходно за образование, за војската, се со цел да се ослободат финансиски средства за граѓаните и особено за оние коишто се најранливи, меѓутоа и за одржување на ликвидноста на компаниите и ликвидноста на енергетскиот сектор со оглед на тоа дена како држава одлучивме 80 проценти од сметките за електрична енергија да ги субвенционираме, бидејќи сметаме дека не смее ценовниот шок да се прелее кај граѓаните. Само за споредба до колку не се тие мерки цената на електрична енергија, односно сметките за струја на граѓаните би биле за 2.150 денари повисоки, сметките за храна месечно доколку не беа тие ограничувања на маржите и намалување на ДДВ-то, би биле за 1.500 денари повисоки, нафтените деривати би ги плаќале само по основ на ДДВ без намалувањето на акцизата 300 денари повеќе и сметам дека граѓаните тоа го препознаваат.

Сепак, постојат исто така притисоци. Гледаме дека синдикатите бараат уште повеќе зголемување на платите. Ние нормално дека разговараме со нив, сите одлуки до сега беа носени низ социјалниот дијалог со синдикатите. Меѓутоа треба да ги имаме предвид сите аспекти на економијата, а ние сме во секојдневна комуникација и неделна координација со Народната банка, бидејќи не смееме да дозволиме одредени мерки коишто би се носеле од фискалната политика да влијаат негативно на монетарната политика и да ја подгреваат инфлацијата.

Она што можеме да ветиме, е дека Владата нормално посветено ќе остане на решавање на сите овие проблеми. Јас како премиер сум во секојдневна комуникација со премиерите од регионот. Во текот на неделата која што изминува имав и телефонски разговор со претседателот на Србија, господинот Вучиќ на којшто телефонски разговор за многу кратко време, се договоривме за исполнување на договорите коишто нашите компании од приватната мелничарска индустрија ги имат со компании од Србија и беше дозволен извоз во целосната квота од 100.000 тони за државата. Истото се однесува и на други прехранбени производи. Нормално дека и ние извозот го дозволивме којшто го имавме, бидејќи ние извезуваме таму прехранбени производи, со тоа што преку Стопанската комора и преку Министерството за земјоделие постојано сме во контакт и со производителите на храна во државата, бидејќи криза има и во снабдувањето со зејтин и тоа на европско ниво. Ние им помагаме на ниво на компании за да можат да обезбедат суровини за непречено производство и снабдување на населението.

Да повторам уште еднаш, се работи за најголема криза, меѓутоа одговорноста е уште поголема на оние коишто во ова време водат Влада и ние ќе бидеме на ниво на задачата да обезбедиме за граѓаните се што е потребно во овие тешки времиња.

Еден друг аспект е енергетската криза, за интерконекторот со Грција, потпишан е договорот, до каде е овој проект, кога би можеле да очекуваме дека почне изградбата и секако да почне да функционира?

– Интерконекторот со Грција заедно со терминалот за LNG во Александруполи се практично поврзани проекти. Тие проекти не се само економски, тие се и од стратешко значење. Ние имавме разговори со партнерите од Република Грција. Тоа е проект во којшто учествуваат и Република Грција и Република Бугарија и Република Северна Македонија, а се со цел да се направи диверзификација во снабдувањето со гас, којшто би доаѓал од LNG терминалот во Александруполи.

Ние како држава ги донесовме одлуките прво за закуп на количини во терминалот за потребите на ЕСМ, а исто така и НЕР веќе работи на договор за реализација на интерконекторот со Грција преку којшто практично гасот би доаѓал до нашата држава. Јас и на тема денес ќе имам разговор со премиерот на Грција и верувам дека во текот на оваа година ќе се најдат сите точки односно ќе бидат договорени сите точки за договор и уште оваа година ќе може почне неговата реализација. Со тоа, гасот нема да оди како до сега исклучиво во правец исток- запад, туку ќе оди од југ кон север, преку терминалот во Александруполи. Тоа е значајно и за енергетската диверзификација, бидејќи овозможува изградба на гасни централи. Една таква ќе биде изградена и до терминалот во Александруполи. Ние исто така ги правиме економските анализи и правни анализи за можно учество на Република Северна Македонија во истиот, бидејќи и тука ќе учествуваат и Република Бугарија и Република Грција со оглед на близината, на просторната близина и на дистанца помеѓу трите држави.

Меѓутоа, исто така и секоја криза треба да претставува и можност. Ние веќе почнавме со имплементација на големите стратешки проекти особено во обновливи извори на енергија. Минатата недела јас присуствував на пуштањето во употреба на првата фотоволтаична централа во Осломеј. Тоа е прва таква централа на стари наоѓалишта на јаглен во Југоисточна Европа каде што во употреба беше пуштена 10 мегаватна централа, која што ќе дава производство на 15 до 17 гигават часови електрична енергија и која што е изградена од страна на државата.

Веќе се во подготовка и практично во фаза на почеток на изградба уште две такви централи по 50 мегавати, на истото место. Едната ќе биде градена од турски Фортис, другата од бугарски Соларпром големи компании во таа област, коишто на база на јавно-приватно партнерство ќе треба 18 односно 18,5 проценти од приходите од тие централи да го предаваат на ЕСМ, со што државата ќе има годишно 1,5 милиони евра приход и нормално електрична енергија за задоволување на своите потреби. И дополнително ЕСМ ќе започне изградба на уште една десетмегаватна централа, што значи дека она што се произведуваше како енергија од јаглен во Осломеј практично ќе биде целосно заменето со производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, односно Сонцето.

Исто така, веќе сме во преговори со најголемите компании во Германија ВИ-ПИ-ДИ за изградба на голем ветерен парк со моќност од близу половина гигават, која што исто така реализација ќе зависи како од договорот со германската компанија, така и од овозможување на услови за приклучување кон високонапонската мрежа во нашата држава. И исто така разговори со Акуо од Франција, исто така голема мултинационална компанија за изградба на исто толкава приближна моќност соларен парк во близината на Штип. И дополнително голем број на мали, на помали енергетски капацитети за производство на електрична енергија од Сонцето, коишто веќе се во фаза на изградба или веќе ги довршуваат своите проекти за изградба.

Дополнително, историскиот и би кажал, монументален проект Чебрен за изградба на хидроцентрала во тој дел е во втора фаза на реализација, веќе има девет компании коишто се квалификувани во втората фаза. Тие веќе одат на сајд визит на местото за да може да имаат точно увид и да можат сите непречено да учествуваат во втората фаза.

Јас се надевам дека конечно ќе биде избран изведувач на работите, каде што ќе можеме да имаме еден енергетски капацитет во државата што ќе обезбеди обновливи извори, базна енергија за Република Северна Македонија и уште полесно приклучување на другите инвестиции од обновливи извори, пред сѐ, тука мислам на Сонцето и на ветерот.

Link with us
Game bài đổi thưởng