Ковачевски во интервју за НоваТВ: Секогаш внимаваме да предложиме цена на струјата која нема да предизвика општествен шок, а да се задржи стабилноста на компанијата

На сред енергетска криза и во очи на одредувањето на покачената цена на струјата за граѓаните, НоваТВ направи интервју со првиот човек на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. Во поглед на можноста за правење компромиси во поглед на цената на електричната енергија Ковачевски вели: – Што се однесува до компромисот, ние цело време работиме по компромис. Нашата улога со новиот закон за енергетика беше да бидеме тампон зона и да обезбедиме мек преод во рок од неколку години, од некоја нереално ниска цена на струјата во минатото, кон цена која ќе биде соодветна. Ние мора да се интегрираме и енергетски, ние имаме обврски преземени од Европската енергетска заедница. Државата со години го одложуваше законот, веројатно за да не мора да се справува со ова. И Ковачевски смета дека иднината на снабдувањето со електрична енергија е во зелените извори: – Северна Македонија е на врвот во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Минатата година имавме раст на производството на енергија од обновливи извори од 10 проценти и тоа е во рамки на светскиот просек на зголемување, според извештајот на „Балкан грин енерџи њуз“, вели Ковачевски за НоваТВ.

НоваТВ: Обично крајот на годината е време кога се прави рекапитулар на досега направеното. Како ја оценувате 2021 година за компанијата со која раководите АД ЕСМ но и за енергетската состојба во државава општо?

– 2021-ва дефинитивно беше тешка година. Можеби најтешка во еден многу долг период наназад. Се поклопија ковид кризата која се претвори во економска криза насекаде во светот, и потоа годинава се надоврза енергетската криза. И една од овие состојби е многу тешка за справување, а камо ли две. Така што слободно можам да кажам дека оваа година посакуваме да остане зад нас со сите последици што ги донесе, и да се надеваме дека во 2022 полека ќе излегуваме од кризните состојби.

АД ЕСМ е тешко да се раководи, тоа е голема компанија со повеќе од 4500 вработени, со подружници во повеќе градови низ државата, производни капацитети распрснати на целата територија, основна дејност која е исклучително тешка и премногу одговорна кон општеството. Треба да снабдете струја за граѓаните. Ако тешко се кормилари во мирни услови, може да замислите какви беа 2020 и особено 2021г. за нас.

НоваТВ: Ковачевски, АД ЕСМ, има удел во креирањето на цената на струјата. Колку сметате дека треба да биде тоа покачување за да се израмнат загубите но и да не го шокира крајниот корисник- граѓанинот?Дали сте подготвени на компромис како што очекува првиот човек на Регулаторна Бислимовски?

– Кога требаше да се одреди цената по која АД ЕСМ ќе му ја продава електричната енергија на ЕВН Хоум во следниот период, со првенствено значење се земаше проекцијата на тоа која ќе биде крајната цена за потрошувачите. Од тие причини се внимаваше ЕСМ да предложи и владата да поддржи и да препорача цена која нема да предизвика голем ценовен шок во општеството, а сепак ќе ја задржи стабилноста на компанијата. Секако, понатаму РКЕ ги зема во разгледување барањата и приложените трошоци на другите енергетски субјекти, како и сите чинители во цената.

Што се однесува до компромисот, ние цело време работиме по компромис. Нашата улога со новиот закон за енергетика беше да бидеме тампон зона и да обезбедиме мек преод во рок од неколку години, од некоја нереално ниска цена на струјата во минатото, кон цена која ќе биде соодветна. Ние мора да се интегрираме и енергетски, ние имаме обврски преземени од Европската енергетска заедница. Државата со години го одложуваше законот, веројатно за да не мора да се справува со ова. Но, тоа е одговорност, и обврските мора да се исполнат.

НоваТВ: Колку заштеди се прават во Буџетот со тоа што сите капацитети за производство на струја во земјава, се ставени во погон?

– Знаете, заштеди секако се прават. Во секој случај е поевтино да произведувате дома, отколку продуктот да го купувате на берза, во услови кога неговата цена е порасната 10 пати. Во минатото, кога се случуваше и се случувало од икс причини, дефекти, одреден недостиг, пад и сл. да има потреба веднаш да се набави одредена количина електрична енергија за некој мал период, секогаш беше многу многу поевтино истата да се купи отколку да се вклучи ТЕЦ Неготино, на пример. Бидејќи ако на берза мегават час беше 50 евра, од ТЕЦ Неготино чинеше многу повеќе. Но, сега, 170-те евра за мегават час електрична енергија од Неготино се поприфатливи од 400 и 500e/MWh на берзите.

НоваТВ: Колку од потребите на граѓаните, индустријата, стопанството се покрива со домашното производство на струја и уште колку се купува на странскиот пазар?

– АД ЕСМ има законска обврска да испорачува електрична енергија кон ЕВН Хоум за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Тоа и оваа година ќе биде 100%, по насока на Владата, со цел да се обезбеди поефтина енергија по препорачана цена од ЕСМ, наместо дел од енергијата ЕВН Хоум да ја набавува по пазарна цена, бидејќи тоа би се рефлектирало и на самите сметки. Што се однесува до другите потрошувачи, стопанските субјекти, институциите итн, тие сите набавуваат на слободен пазар. Учеството во проценти се менува, но во секој случај и натаму постои потреба од купување струја за потребите на дел од потрошувачите во земјава кои се снабдуваат на отворениот пазар.

НоваТВ: Ковачевски, од неодамна јаглен се набавува односно увезува од Косово. Опозицијата и во тоа гледа дил за бесправно богатење на поединци. Но, дали е така ? Вие веќе еднаш ја демантиравте ВМРО -ДПМНЕ изложувајќи ги јавно куповната цена на јагленот и таа кога тој јаглен ќе биде транспортиран до РЕК Битола?

– Во оваа прилика морам да го повторам уште еднаш ставот кој го афимираме постојано, од почетокот на енергетската криза во земјава – АД ЕСМ и Владата на Република Северна Македонија како наш сопственик, ги прават сите напори за обезбедување на дополнителни количества на електрична енергија кои ќе бидат ставени на располагање на стопанството со цел да се избегне купувањето на скапа струја на берзите. Во таа насока е и обидот за обезбедување на поголеми количини на јаглен кој ќе го користат нашите производствени капацитети. Цените на електричната енергија на берзите во Европа изминативе неколку месеци ја наметнаа потребата за увоз на јаглен со кој ќе произведеме електрична енергија која би ја продале на домашните стопански субјекти по пониска цена отколку истата таа енергија тие да ја обезбедат од странство. Но, и јаглен и мазут многу тешко се наоѓаат во овој период на пазарот, енергетската криза си го прави своето и се потешко се доаѓа до ресурси за производство на електрична енергија.

Постапката за набавка на јаглен од Косово е во тек и во ниту еден момент досега, ниту еден официјален претставник во преговорите не споменал во јавноста детали од преговорите. Најмалку во однос на цената на јагленот. Податокот со кој се шпекулира во јавноста е апсолутно погрешен. Деталите од евентуалниот договор за испорака на јаглен од Косово, доколку се договориме со косовските партнери, секако дека ќе ги соопштиме на јавноста.

НоваТВ: Што се случува со имплементацијата на потребните стандарди од „А“ интегрирана дозвола и мазут со содржан сулфур под 1% , што е неопходно за одржување на здрава животна средина?

– Претпоставувам мислите на постапката за добивање на А интегрирана дозвола за нашиот најголем производствен капацитет, РЕК Битола.

НоваТВ: Да.

– Од јануари 2020 година кога беше одржана јавната расправа за Нацрт А – Дозволата за усогласување со оперативен план на РЕК Битола, постапката е во рацете на Министерството за животна средина и просторно планирање. Но, без разлика на тоа што формално РЕК Битола сеуште не го добил овој документ, компанијата и комбинатот се посветени на постигнување на високи еколошки стандарди при производството на струја. Мерките и активностите кои се содржани во оперативниот план за добивање на А интегрираната дозвола РЕК Битола ги спроведува во континуитет од 2018 година. Блоковите редовно се одржуваат со цел зголемување на нивната доверливост, но и намалување на загадувањето, разладната кула на Блок 2 е реконструирана со нови, еколошки материјали, изградивме бедем за одлагање на пепелта со цел да не се врши запрашување на околината, на одлагалиштето за пепел инсталиравме систем за прскање со адитиви за, исто така, да се спречи разнесувањето на пепелта во околината, набавивме нови еколошки автобуси итн. Заштитата на животната средина е еден од нашите приоритети и останува цврсто решени да ги имплементираме промените кои ќе значат поеколошко производство на струја, без разлика дали ја имаме или не добиено дозволата за усогласување со оперативниот план.

НоваТВ: Дали очекувате енергетската криза да се намали и кога?

– Сите релевантни фактори укажуваат на тоа дека енергетската криза може да се очекува да почне да се смирува после првото тромесечје од 2022г. Се очекува цените на струјата да почнат да паѓаат, но во секој случај нема да се вратат на претходното ниво, односно во иднина ќе останат повисоки од тоа што биле пред кризата. Обновливите извори, карбон кредитите кои значително поскапеа, кризата со гасот, сето тоа ја поскапи и ја поскапува струјата, и мора сите да бидеме свесни дека струјата мора да се користи рационално, да не речам штедливо, дека мора да се вложува во енергетска ефиксност, односно да спречите загуби на енергија при нејзиното користење, понатаму дека гасната инфраструктура исто така ќе мора да се имплементира.

Накратко, очекувам кризата да попушти во текот на 2022, што по сите најави ќе биде година кога и пандемијата ќе треба да спласнува, па така се надеваме дека зад нас ќе останат две тешки години.

НоваТВ: Што треба Република Северна Македонија да направи за да ги превенира состојбите со дефицит на енергија. Дали сметате дека клучот лежи во обновливите извори на енергија меѓу кои и на сонцето и во инвестиции како на Француски „Стипион“ во соларен парк во околината на Штип?

– Обновливите извори дефинитивно се иднината на производството на електрична енергија. Назад нема, тоа е европскиот и светскиот тренд. Термоелектрани нема веќе да се градат, се оди на тоа да се затвораат, а додека да се доискористат задолжително треба да се вложи во нив, да се оптимизираат и да се зголемат еколошките стандарди. Значи, се оди на сончеви и ветерни електрани, на хидроелектрани за потребите на базната енергија, тука се гасните електрани исто така итн.

Ние како држава и како АД ЕСМ имаме стратегија да се движиме кон зеленото сценарио и таа енергетска трансформација веќе е во тек. РЕК Осломеј е прв случај на енергетска трансформација во регионот, на замена на еден капацитет на јаглен со инсталирана моќност од 120 мегавати со друг капацитет на сонце со иста толкава моќност.

Севкупно, Северна Македонија е на врвот во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Минатата година имавме раст на производството на енергија од обновливи извори од 10 проценти и тоа е во рамки на светскиот просек на зголемување, според извештајот на „Балкан грин енерџи њуз“.

НоваТВ: На крај, што би си посакале во Новата Година, и што би им посакале на граѓаните?

– Себе си и на моите блиски би посакал здравје пред се, а тоа го посакувам на сите луѓе, здравјето на прво место, за да можеме потоа да ги тераме сите наши обврски. Би посакал да поминат овие кризи со кои се бориме последниве две години – здравствени кризи, економски, енергетски, па и политички итн. Би посакал исчекор кон нашата европска иднина, но и секој од нас да направи личен исчекор во својата дејност на работа. Ако сите вложиме по уште малку повеќе од тоа што сме навикнати да вложуваме во работата, тоаш ќе се забележи голема разлика во нашите постигнувања, како лични така и колективни.

Среќна нова 2022г!

ИЗВОР НОВА ТВ

Link with us
Game bài đổi thưởng