Цврсто сум уверен дека унапредувањето на едно право, што не загрозува друго право, може само да ѝ користи на една држава што е посветена кон мирен развој.
Мирот никогаш не треба да се гледа како крајна дестинација. Мирот е пат со многу кривини, мирот се добива со заедничко чекорење по овој пат во секојдневието. Тоа е пат по кој луѓето кои живеат во населба, во заедница, во општина, во држава, треба да го врват заеднички Тоа е пат на кој треба да напредуваме во заедништво, сите ние тука во оваа просторија, сите низ целиот свет.
Ова го порача премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на отворањето на Состанокот по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации.
-И го велам ова затоа што денес сум тука во името на мојата татковина, Република Северна Македонија, која денес е пример за функционална мулти-етничка држава и претставува фактор на стабилност на Западен Балкан што најмногу се должи на концептот „Едно општество за сите“ кон кој се стремиме и го спроведуваме без предрасуди. Ова е концепт заснован на начелото на еднакви права и должности за сите граѓани, начело што Владата и поголемиот дел од граѓаните на Република Северна Македонија го поддржуваат, рече Ковачевски.
Овие граѓани, продолжи премиерот, се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други граѓани кои живеат во Република Северна Македонија и кои според највисокиот законодавен документ, нашиот Устав, имаат еднакви слободи и права, без разлика на нивната национална, етничка, верска или друга припадност.