НЕ И ВЕРУВАЈТЕ НА РУСКАТА ПРОПАГАНДА: Во Украина нема бази за биолошко оружје

Белата Куќа овие руски тврдења, дека имало лаборатории за биолошко оружје во Украина, ги адресираше како лажни. Претходно и Обединетите нации соопштија дека немаат никакви сознанија за наводно производство на оружја за масовно уништување во Украина. Портпаролот на ОН изјави дека на светската организација не ѝ се познати „никакви активности на украинската влада кои се спротивни на нејзините преземени обврски преку меѓународните договори, вклучувајќи и хемиски и биолошки оружја“. Во април 2020 година и американската амбасада во Украина издаде соопштение во кое вели дека сака да биде начисто во врска со дезинформациите за програмата, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, кој се однесува на актуелната состојба во Украина, по руската инвазија која се случи на 24 февруари годинава. Во склоп на наративите пласирани од Кремљ, а кои беа децидно демантирани од страна на западните, американските власти и од медиумите, во Украина имало 26 „лаборатории за биолошко оружје“.

Напаѓаа земји кои немаа биолошко оружје. Па пуштаа сцени од деца со пена на устата кои подоцна ја мијат и кркаат чоколада во американска база. Ирак, Либија, Сирија, истото сценарио. А тие да ти имале бази на биолошко оружје насекаде, 26 само во Украина. Цензура ова не го покрива, се вели во постот кој е предмет на нашата рецензија.

Белата Куќа за овие тврдења, преку прес секретарката Џен Псаки, ги адресираше како лажни руските тврдења дека имало лаборатории за биолошко оружје во Украина.

Ги забележавме руските лажни тврдења за наводни американски лаборатории за биолошко оружје и хемиско оружје во Украина. Забележуваме и дека кинеските власти исто така ја промовираат оваа теорија на заговор. Ова е глупост. Ова е истиот вид дезинформациска операција што и во минатото репетитивно ја имаме гледано од Русија низ годините, како на пример лажни наративи за кои сме предупредувале дека е можно Русите да ги измислат, напиша Псаки на Твитер, додавајќи дека САД целосно е кохерентен во своите обврски според Конвенцијата за хемиско оружје и биолошко оружје и не поседува и не развива такви оружја никаде во светот.

Таа за „Њузвик“ изјави дека Русија има долга и добро документирана историја на користење хемиско оружје, вклучувајќи и обиди за убиства и труења на политичките опоненти на Путин, како Алексеј Навални. Опозицискиот лидер од Русија, Алексеј Навални беше хоспитализиран откако наводно бил отруен со супстанца Новичок. Истата супстанца му била дадена на рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и ќерка му Јулија во Британија во 2018 година, истата година кога руското Министерство за одбрана објави дека „САД има тајна програма за биолошко оружје“

Во своите децидни негирања на тврдењето дека САД финансира лаборатории за биолошко оружје во Украина, Псаки наведе и сомнеж дека можеби, ова е тактика на Русија за да оправда идни напади во Украина.

Ова е очигледен обид на Русија да се обиде да ги оправда идните, планирани, неиспровоцирани и неоправдани атаци врз Украина. Сега кога Русија ги објави овие лажни тврдења и кога Кина ја поддржа оваа пропаганда, сите треба да сме внимателни дека Русија е можно да користи хемиски или биолошки оружја во Украина или да креира операции користејќи ги. Сценариото е јасно, рече Псаки.

Како што објави Дојче Веле, претходно и Обединетите нации соопштија дека немаат никакви сознанија за наводно производство на оружја за масовно уништување во Украина. Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, изјави дека на Светската организација на ОН за здравје не ѝ се познати „никакви активности на украинската влада кои се спротивни на нејзините преземени обврски преку меѓународните договори, вклучувајќи и хемиски и биолошки оружја.“

Во април 2020 година и американската амбасада во Украина издаде соопштение во кое вели дека сака да биде начисто во врска со дезинформациите за програмата. Во соопштението се вели:

САД и Украина имаат партнерство уште од 2005 година, за да го превенираат ширењето на заразни болести, како и да овозможат мирно развивање на вакцини. Ова партнерство меѓу одделот за одбрана на САД и украинското Министерство за здравство е дел од Развојната програма за намалување на опасностите (Cooperative Threat Reduction Program), која почна во 1991 година со цел да се намали опасноста од оружје за масовна деструкција по распадот на Советскиот Сојуз.

Ова партнерство, не значи дека во Украина има лаборатории водени од САД, Напротив, Одделот за одбрана на САД никогаш немал биолошка лабораторија во Украина.

Оваа програма за намалување на опасностите (U.S. Department of Defense Cooperative Threat Reduction Program), овозможи техничка поддршка за украинското Министерство за здравство од 2005 година, за да се подобрат јавните здравствени лаборатории, чија мисија е аналогна на таа на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, изјави за Политифакт Енди Вебер, член на одборот на Асоцијацијата за контрола на оружје.

Истражувачот за биолошко оружје и професорка на Кингс Колеџот во Лондон, Филипа Ленцос, за „Франспрес“ рече дека нема индикации дека овие лаборатории во Украина се користат за да се развие биолошко оружје, туку дека нивната цел е да превенираат ширење на заразни болести.

Како што пишува „Атлантик Каунсел“, Кремљ во минатото во многу наврати користеше фалсификувани документи, фалсификувани потписи како дел од претходните операции за ширење влијание.

Во 2020 година медиумите блиски до Кремљ се обидоа да ја обвинат Америка за ковид пандемијата, сугерирајќи дека вирусот е создаден во лаборатории.

Поради сите горенаведени факти оценуваме оти не е вистина дека во Украина има бази на биолошко оружје.

Link with us
Game bài đổi thưởng