НИКОЛА ТОДОРОВ: Путиновата војна против Украина и „понижените“ Македонци

Руската воена агресија врз Украина ме вџаши, ме уплаши, ме раздразни. Војна во Европа, која може да се прошири и да доведе до катастрофални последици како за стариот континент, така и за светот. Владата и најголемата македонска опозициска партија ја осудија агресијата и постапија правилно. Но, има неколку тези кои се шират во политичките и општествените кругови, кои сакам да ги прокоментирам. Тезите се дека наводно оние кои не го критикувале Путин за неговата агресија врз Украина или оние кои го поддржувале, го правеле тоа од револт кон Западот затоа што Западот ја понижил Македонија со името, со спорот со Бугарија или затоа што ја понижил Србија со Косово. Или пак дека Западот во Македонија ги поддржувал Албанците и нивните големоалбански аспирации.

Ова се тотално погрешни тези во кои повеќе провејува скриена поддршка за Путиновите воени дејствија против Украина отколку што доминира логиката.

Пред да дадам мое видување за овие тези, најпрво ќе напоменам дека самото именување на светот во кој припаѓаме како „Западот“ е како да се држи прес конференција од Кремљ. Да ве потсетам, западот се НАТО и ЕУ. Ако ние сме во НАТО и имаме големи шанси да започнеме преговори за полноправно членство во ЕУ, значи дека и ние сме Западот.

Сега клучниот дел.

Дали сте се запрашале на кој тоа не му одговараше да станеме полноправна членка на НАТО уште во деведесеттите години од минатиот век? На Америка или на Русија?

Кој не дозволува нашата православна црква да биде признаена? Америка или Русија?

Што мислите, кој ги „хушка“ Бугарите против Македонците и Македонците против Бугарите? Америка или Русија? Ве потсети ли на нешто изјавата на Путин дека не постои украинска нација и дека Украина е творба на Ленин?

Кому му одговара Македонија да биде остров на нестабилност на Балканот, а со тоа и во Европа? На Америка или на Русија?

Одговорот на сите овие прашања лежи во одговорот на прашањето-кој има интерес од тоа.

Црковните врски

Еве ви неколку тригери за размислување.

Анализирајте ја врската помеѓу Руската и Грчката православна црква кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век, влијанието на Грчката православна црква на тогашната грчка надворешна и внатрешна политика, односот на Милошевиќ со Русија и почетокот на спорот помеѓу СПЦ и МПЦ и можеби ќе дојдете до одговорот на прашањето кој го смисли спорот со името и од кои причини. И повторно прашањето, кој имаше интерес од тој спор и од невлегувањето на Македонија во НАТО? Америка, Грција или Русија?

Кога пред три години, бевме најблиску до решавање на спорот со црквата, односно признавањето на нашата православна црква, МПЦ Охридска архиепископија достави барање до Бугарската православна црква да се ангажира и да нѐ застапува пред помесните православни цркви за востановување на канонскиот статус на Македонската православна црква, па вселенскиот патријарх Вартоломеј (Грк) да го преземе решавањето на ова прашање. Светиот синод на БПЦ формираше Синодска архиерејска комисија за преговори со МПЦ и останатите помесни православни цркви, но преку ноќ се повлече под надворешно влијание.

Што мислите, претставници на чија служба, посетиле неколку бугарски владици? Американски или руски? И која беше тука поврзаноста или сличноста со Украинската православна црква?

Дали Московскиот Патријарх и на Цела Русија г. Кирил е главната пречка за отпочнување на преговори со црковен Белград и дали можеби баш тој е главната пречка за потврда на македонскиот идентитет преку давање на Томосот за признавање на автокефалноста на МПЦ ОА од Вселенскиот патријарх Вартоломеј?

Епа сега драги мои, одговорете си на прашањето, Западот или Истокот е одговорен за понижувањата на Македонија во спорот со името и во споровите со Бугарија (нацијата), и Србија (црквата, читај нацијата).

НАТО не е фикција

На крај на денот, дури и да претпоставиме дека некои постапки на НАТО или САД биле погрешни, дали тоа значи дека Путиновата војна може да се оправда со нечија друга грешка која нема никаква врска со Украина?

Леонардо Да Винчи, светилникот на науката, нѐ научи дека е најважно „да знаеш како да гледаш“-saper vedere. Затоа што ако не знаеш како, каде и што да гледаш, па го гледаш само она што ти се сервира, тогаш бадијала гледаш.

– С. Македонија – субјект или објект во големата криза?

И последно, НАТО не е клинички мртов, напротив. И за наша среќа, а несреќа на Апасиев, НАТО не е правна фикција, ниту е „диносаурус од времето на Студената војна, кој е историски надживеан и некомпатибилен со новиот свет”. Напротив НАТО е некомпатибилен со диктаторите кои сакаат да го уништат модерниот, демократски свет.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ после сите овие јасно изразени ставови на Левица треба да излезе и јавно да се обврзе дека никогаш и под никои услови нема да направи коалиција со Левица, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не е компатибилна со Левица. ВМРО е за НАТО, за ЕУ и модерниот демократски свет, а Левица е против.

Затоа одлично е што ВМРО-ДПМНЕ предложи, а потоа и се приклучи кон предлогот Собранието да донесе резолуција за поддршка на територијалниот интегритет на Украина и осуда на воената агресија на Путин врз украинскиот народ. И ВМРО-ДПМНЕ е зад политиката и заложбите на НАТО и модерниот демократски свет и тоа сега јасно и гласно треба да го покажеме.

Никола Тодоров, Дојче Веле

Link with us
Game bài đổi thưởng