ОРДАНОВСКИ: Петков и Ковачевски би можеле да одиграат историска улога за балканот, за тоа заслужуваат поддршка од сите добронамерни политичари и аналитичари и посматрачи

САШО ОРДАНОСКИ, ЦИВИЛ МЕДИА

Не требаше долго да се чека, едвај два-три дена, за да се види дека обидот нагло да се подобрат односите помеѓу Бугарија и Македонија со иницијативата на двајцата нови премиери нема да помине со воодушевување во разни политички, безбедносни, академски, медиумски и други – можеби со исклучок на бизнис – кругови и во Скопје и во Софија. По успешните последователни и брзи средби на владите во двата главни градови, исполнети со насмевки, ракувања и внимателни, но „техно-оптимистички“ изјави, следуваат внатрешно-политичките „отрезнувања“ на оние кои очекуваа барем некаков инцидент, некоја изречена или направена провокација, нешто со што ќе можеше веднаш да се оспорат намерите и судбината на целиот „проект“… Не се случи.

Најголем дел од реакциите и таму и овде – намерно не цитирам и не наведувам имиња, општествени позиции и политички функции на оние кои негативно или со резерви реагираа на исходот од случувањата за, од една страна, да не се помешаат персонални „баби и жаби“ и, од друга страна, за да не се поистоветат добронамерните укажувања со злонамерните опструкции на процесот – се сведуваат, разбирливо, на двете клучни теми од нашите соседски недоразбирања: статусот (и бројноста) на Бугарите во Македонија (и Македонците во Бугарија); и официјалните и неофицијалните толкувања на историјата на тие односи.

Сумарно, би можело да се каже дека сите критичари велат оти џабе се согласностите да се унапредат деловните, стопанските, сообраќајните, дигиталните, културно-образовните и другите „технички“ области на соработката, кои се со различно ниво на хибернација седумдесетина години, додека не се разреши историско-политичкиот „меритум“ на кризата содржан во двете погорни клучни теми на недоразбирањата. Во круговите на критичарите, и таму и овде, се тврди дека Бугарија нема да го симне ветото за македонско евро-интегрирање, додека нема договор за „целиот пакет“ на односите. Потоа, врз основа на тој став се критикуваат тактичките потези за „отстапки“, „гестови на добра волја“ и „концесии“ како лоши (или добри) за целокупната стратегија на разрешувањето на македонско-бугарскиот спор.

Така е. Треба да се случи политичко чудо Софија до јуни да го симне ветото, бидејќи невозможно е да се очекува чудо во официјалната дебата за приближување на толкувањата на историските ставови во наредните неколку месеци, процес за којшто се неопходни многу години на конструктивен пристап, дебата и аргументирана интерпретација на настаните и ликовите од многу далечното и поблиското минато на бугарскиот и македонскиот народ. (А, и самата идеја за евентуално коригирање на Македонскиот устав ДУИ тукушто ја „потопи“ со најавата дека ќе бара во него да се променат уште неколку членови што битно задираат во сегашните меѓуетнички односи во земјава.) Затоа – ако не се случи чудо – бугарското вето во јуни ќе остане, дури и под претпоставка тамошниот и овдешниот премиер да ги „преживеат“ другите теми од нивното ежедневно владеење.

Но, погледајте ја „тајната агенда“ на започнатиот процес: да се придвижат работите во сите други области на соработка! Постојат предвидливи рокови („ексел табели“) за остварување на многу од тие проекти, не само инфраструктурни, кои потоа ќе почнат да произведуваат „трајни последици“ и врз прашањата за кои ќе треба усогласување (макар и со меѓусебна согласност за сѐ да не се усогласиме) од областа на „чудата“.

Во тоа лежи визијата на Петков и Ковачевски – па, ако сакате, и првично прокоцканата шанса со Договорот за добрососедство на Заев и Борисов.

Нема во тоа ништо оригинално, ниту ингениозно, бидејќи на сличен начин (често и во многу поголема дискреција и „тајност на агендите“), па и со поголеми противења и контроверзи, во минатиот век се решаваа (и уште се усогласуваат) француско-германските, чешко-германските или полско-германските ставови, сите од ред многу „понатопени“ во историска крв, окупации, анексии и негации од овие наши спорови со Бугарите. На пример, за потсетување, кога Конрад Аденауер се зафати со Шарл де Гол да ги подобрува повоените односи меѓу Германија и Франција, во самата Германија Аденауер беше изложен на политичко распнување и од своите сопартијци. Па, ефектите од тие пристапи денеска веќе никој таму не ги спори. Напротив, тие станаа светски прифатен модел за решавање на меѓусоседските односи. Нешто што, да речеме, допрва ги очекува Русија и Украина во децениите што следуваат, во надеж дека нема со сегашната криза таму да се додаде уште едно крваво поглавје што ќе треба некоја идна генерација на Руси и Украинци тегобно да го усогласува.

Според тоа, сегашниот процес меѓу Бугарија и Македонија, ако обострано се опстои на исполнување на роковите од „ексел табелите“, е осуден на успех. За, кога-тогаш, да дојдеме до „чудото“ на подобрување и разрешување на нашите меѓусебни односи и за проблемите во областите кои сега се чинат нерешливи. Ние зад нас веќе ги имаме Охридскиот и Преспанскиот договор (sic!) како доказ дека и, мачно постигнати, чуда се можни, ако на нив некој визионерски работи. Тоа е суштината на историската улога што би можеле да ја одиграат Петков и Ковачевски. За тоа заслужуваат поддршка, барем и од добронамерните критичари.