Осигурувањето од земјотреси предизвик за осигурителните компании, побарувачката на полиси за земјоделски поседи многу мала

Првите форми на осигурување ги применувале трговците од Вавилон и Кина со цел ограничување на загуба на стоки. Според првиот документиран метод во Хамурабискиот законик, трговецот морал да плати дополнителна сума пари на заемодавачот, како гаранција во случај пратката да биде украдена. Осигурувањето е забележано и кај подароци од значителна вредност кои им се давале на монарсите. Со запишување на подароците во регистар, оние кои го давале поклонот би добиле помош од монархот доколку се во неволја. Она што со сигурност може да се заклучи е дека осигурувањето е старо колку и тровијата. Сепак, толку година постоење, информираноста за можностите и ризиците кои доаѓаат со понудата на осигурителните полиси, како и довербата во истите е прилично мала.

Според информациите до кои дојде МИА довербата во осигурителните полиси е најмала кај земјоделците, односно заинтересираноста за купување полиси за осигурување на земјоделски поседи во државава е на многу ниско ниво. Па така, од над 90.000 регистрирани земјоделски стопанства, помалку од 5 проценти од нив го осигуруваат своето производство.

Според Ѓорѓе Војновиќ, директор на осигурителната компанија Триглав, на малата заинтересираност за купување ваков вид полиси влијаат повеќе фактори.

-Перцепцијата дека осигурувањето е услуга, која што не можат да си ја дозволат, нерентабилното производство, стари насади, сѐ помалку работници во секторот, недостаток на доверба кон осигурувањето како начин на заштита, но и аграрните политики во државата и досегашни начини на справување со проблемите во овој сегмент, особено во прилики на елементарни непогоди и незгоди. Во овие ситуации земјоделците во голема мера се надеваат и потпираат на поддршка и помош од државата, што придонесува кон креирање сосема погрешна перцепција дека осигурувањето не им е потребно, вели Војновиќ за МИА .

Појаснува дека и покрај тоа што земјоделците се свесни за ранливоста на овој сектор, како и фактот што премијата за осигурување е субвенционирана 60 проценти од страна на државата, нивниот интерес за осигурување е се уште на ниско ниво. Се согласува дека недоволната информираност е исто така важен фактор.

Од друга страна, претседателката на Националната федерација на фармери Васе Мојсоска не се согласува дека недоволната информираност е една од причините. Таа вели дека и покрај огромните штети кои ги прават климатските промени, земјоделците не се одлучуваат за ваквите полиси затоа што како што вели се „изгорени” од осигурителните компании.

-Имало ситуации во кои иако осигурани посеви зафатени од климатските промени, компаниите поради различни причини не им ги исплаќаат премиите, ова го велам, затоа што истото ми се случи и мене кога пред четири години, иако ми беа осигурани лозовите насади и беа погодени од град пред берба јас не добив ни денар од осигурителната компанија за штетите и после четири години се уште нема судска разврска. Токму поради овие причини земјоделците се плашат од осигурителните полиси, оценува Мојсовска.

Според неа, алармот за спас на земјоделско производство е активен уште од пред 10 години.

-Треба уште денеска да се запрашаме сите по која патека ќе се движи нашето земјоделство дали ќе си го заштитиме од промената на климата или ќе го оставиме на работ на времето, истакнува Мојсоска.

Експертот од областа на осигурувањето Климе Попоски за МИА заклучи дека генерално важни причини за проблемот со побарувачката на осигурителните полиси од страна на земјоделците, е тоа што во државава елементарните непогоди се користат за политички поени, земјоделците не се доволно свесни за негативното влијание на климатските промени, присутноста на недоволна финансиска едуцираност, но и манипулативните услови наведени во договорите кај осигурителните компании.

–Пример пред 10 години осигурување од ран мраз почнувало од први април, увиделе дека има штети, па после тоа направија истите цени да важат ама од 15 април, но тоа не му го кажува на земјоделецот кој купува, и после ќе настане штета на 12 април и ќе му каже, ама условот е поинаков. Тука автоматски земјоделецот ја губи довербата во осигурувањето, сега ран мраз покриваат од први мај кога веројатноста е многу мала, не дека нема, но е мала, појаснува Попоски

Според Мојсовска, потребно е да се најде друг модел на осигурување како што е моделот на осигурување во Турција, каде што самата држава ќе биде грбот на земјоделецот.

И Попоски се согласува дека е јасна потребата од примена на модел сличен на тој во Турција и Шпанија. Предлага тој што користи субвенции да мора да купува осигурување, ама осигурителните продукти да бидат единствени од сите компании и да биде еден вид на понуда со единствени цени.

-Мојот предлог е примена на модел сличен на Шпанија, Турција, државата нели дава субвенции за земјоделско производство, државата дава субвенции за премијата за осигурување да биде задолжително, секој земјоделец кој што аплицира за субвенција за земјоделско производство да мора да ги осигурува своите поседи, парите од осигурувањето да одат во тој осигурителен пул и исплатата на штета кога ќе дојде да биде исклучиво од лиценцирани или овластени проценители на штети кои што ќе бидат агроекономисти кои што реално и брзо ќе можат да ја вршат проценката, со други зборови тој што користи субвенции за производство и за откуп да мора да купува осигурување, државата ќе му субвенционира 60 отсто, а тој мора да купува ама продуктот што го купува за осигурување да биде унифициран како што е примерот со осигурувањето кај колите, објаснува тој.

Природните непогоди потсетник за потребата од осигурителните полиси

Земјотреси, поплави и безброј други непредвидливи опасности демнеат околу нас. Луѓето се и повеќе од свесни за потребата од сигурна и безбедна иднина, и за постоењето на можноста за обезбедување на мирен сон. Но, недоволната информираност, ниската свест, како и манипулацијата со условите во полисите, според тврдењата на експретите, резултираат со помала заинтересираност за осигурителните полиси во нашата држава во однос на другите земји.

Според податоците кои што ги поседува Агенцијата за супервизија во 2015 бројот на склучени договори за осигурување од земјотреси бил 4.039, додека во 2016, годината кога се случи поголем земјотрес, бројот се зголемил на 7.919 осигурници, за подоцна во 2020 да падне на само 3.987 склучени договори за купување на полиса за осигурување од земјотрес.

-Еве на пример после земјотресот во 2016 година и поплавите кога беа во Стајковци телефоните не престанаа да ѕвонат, им праќаме понуда, ги информираме и како што поминува времето така земјотресот се заборава, си велат ајде помина, еве неколку години нема земјотрес зошто да фрлам пари. Да го земеме за пример Оклахома, таму не се размислува дали да се вклучи торнадото, таму се подразбира осигурувањето од торнадо, кога доаѓа земјотрес, поплава, пожар тоа не прашува, тие природни непогоди се како потсетник за осигурувањето, изјави Војновиќ .

Информираат дека основните показатели со кои се мери степенот на развиеност на осигурителниот сектор, степенот на пенетрација и степенот на густина, и во текот на 2020 година се задржал на ниско ниво, упатувајќи на простор за натамошен развој на секторот.

-Податоците за нивото на пенетрација на осигурувањето во 2020 година покажуваат дека вкупната БПП во земјава учествува со 1,5 проценти во бруто домашниот производ, додека пак, степенот на густина во 2020 година изнесува 4.848 денари по жител, што е секако, многу помалку од земјите на ЕУ. Ниската економска моќ на населението и навиките на осигурување, т.е. перцепцијата дека осигурувањето е трошок, којшто граѓаните не можат да си го дозволат, а не инвестиција, директно придонесуваат кон помала густина на осигурување во однос на регионот и ЕУ. Само за споредба, во 2019 година густината во Европа изнесуваше 2.085 евра, од кои 1.163 евра беа наменети за животно осигурување, 248 евра за здравствено осигурување и 680 евра за имотни осигурувања. Просечната пенетрација на осигурувањето во Европа изнесуваше 7,08 проценти, велат од таму.

Осигурувањето ни обезбедува поголема сигурност и подобар квалитет на живот, бидејќи нѝ овозможува да ги префрлиме на осигурителната компанија ризиците, кои што ни ги носи животот. Природните катастрофи и елементарните непогоди секогаш се сурови потсетници за тоа колку е важно финансиски да се заштитиме од овие ризици, кои што ги загрозуваат нашите животи, здравјето и имотот. Затоа и обемот на осигурување е секогаш поголем веднаш по некоја природна непогода.

-Но, не смееме да си дозволиме секојдневието да нѐ совлада и да заборавиме што е важно. Мораме да ги преземеме неопходните чекори да ја осигуриме нашата и иднината на нашите најмили и да си обезбедиме алатки, коишто ќе ни помогнат да се справиме со сѐ што ќе ни се испречи на патот. А, осигурувањето е токму тоа, сигурносна и финансиска алатка, која што може да ни помогне да си го вратиме животот на вистинскиот пат, поентираат од Триглав.

Потенцираат дека е потребно континуирано приближување на осигурувањето и едукација на јавноста за предностите и поволностите.

-Континуирано работиме на приближување на осигурителните полиси, затоа што она со што навистина се бориме е погрешната перцепција дека осигурувањето чини многу и дека е услуга, којашто луѓето не можат да си ја дозволат, затоа не ја ни земаат предвид. Може да се рече дека постои позитивна промена, но се уште сме далеку од искуствата во европските земји, па и поблиску, во регионот, истакнува Војновиќ.

Се чини дека во државава осигурителниот сектор се соочува со големи предизвици, кои најчесто се должат на недоверба и неинформираност. Она што е реална потреба според експертите е осигурителните полиси да се приближат до земјоделците преку поинаков модел, додека пак, за зголемување на полисите кои се однесуваат на природните непогоди, потребна е многу поголема свест кај граѓаните.

tải sunwin sunwin.apk mới nhất tải sunwin apk

sunwin

sun win

sun win

sunwin club sunwin tải sunwin