Османи: Со 180 амандмани, опозицијата ги блокира законските измени за избор на дипломати во пресрет на македонското претседавање со ОБСЕ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција изјави дека опозицијата со 180 амандмани го блокира предлогот кој се однесува на еден член од Законот за надворешни работи, кој претставува ограничување при селекцијата на дипломати за претседавањето со ОБСЕ, објави државната новинска агенција МИА. Според тој член, за еден дипломат да замине на мисија, треба од завршувањето на претходната мисија, да има престој од 24 месеци во Министерството за надворешни работи, до следниот мандат.

„За да го објаснам контекстот, за да се испратат дипломати на тригодишен мандат, покрај другите критериуми, треба да исполнат уште еден критериум, а тоа е две години најмалку да биле во Скопје во МНР од завршувањето на претходниот мандат. Значи 24 месеци требало да поминат од враќањето од претходниот мандат. Бидејќи претседавањето со ОБСЕ е вонредно, една вонредна специјална мисија во која што дипломатите ќе одат не на цел мандат, туку на 14-15 месеци и за да не бидеме ограничени во изборот на дипломати коишто ќе ги испратиме, затоа пратениците откако им ја објаснивме оваа проблематика, предложија измени на еден став, односно за претседавање како што е ОБСЕ, односно за вакви специјални мисии, да не важи ограничувањето 24 месеци“ – наведе Османи.

Османи додаде дека и покрај тоа што опозицијата била информирана навреме, сепак поднеле 180 амандмани.

„Опозицијата беше информирана навреме, затоа што јас ги информирав и претставниците на опозицијата и претставниците на Владата. Претставниците на Владата прифатија да помогнат во овој процес, претставниците на опозицијата иако не најавија дека имаат каква било забелешка, сепак излегоа со 180 амандмани, од кои некои смешни, провокативни, само да го блокираат процесот којшто нема врска со никаков владин, партиски, политички интерес. Едноставно да можеме да ги избереме најдобрите за најголемиот надворешно-политички предизвик и привилегија што ја има државата. Ваква можност немала една мала држава, да раководи организација од 57 земји-членки каде што се и САД, и Русија и најголемите држави во светот и ние ќе претседаваме со таа Организација во текот на цела година, вклучувајќи како копретседавачи една година порано. Тоа беше целта на таа измена. Се надевам дека ќе можеме сега да пристапиме понатаму кон овие измени за да ги создадеме сите логистички предуслови за едно ефикасно претседавање“ – истакна Османи.

Северна Македонија стана дел од триото претседавачи на ОБСЕ или познато како ОБСЕ тројка, заедно со сега веќе минатогодишниот претседавач Шведска, како и актуелниот претседавач за оваа година Полска. Со тоа и формално започнуваат и нашите обврски поврзани со претседавањето во 2023 година со најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ во која членуваат 57 земји, плус 11 медитерански и азиски земји партнери на Организацијата.

Шефот на дипломатијата денеска на прес-конференција наведе дека земјава како претседавач со ОБСЕ ги утврдува приоритетите за претседавањето, односно на кои прашање ќе се фокусира.

„Формално сме обврзани некаде до мај да ги преставиме приоритетите, истакна министерот за надворешни работи“ – изјави Османи.

Тој додаде дека процесот за утврдување на приоритетите е веќе почнат.

„Почнавме прво со внатрешни консултации на нашите институции, што мислат нашите институции во однос на приоритетите, МО, МВР, МЖСПП – сите министерства коишто имаат надлежности во тој дел. Тоа беше во прва фаза, втора фаза бевме во Виена, државниот секретар со екипа се сретна со сите амбасадори на земјите учеснички во Виена, исто така ги слушнавме нивните размислувања, а и јас планирам во првите шест месеци да ги посетам неколкуте земји учеснички исто така за да видам кои се нивните погледи, кои се нивните очекувања од нас за да бидеме спремни некаде во мај прво да ги претставиме пред нашите граѓани приоритетите, а потоа и во Виена пред постојаните претставници на земјите учеснички на ОБСЕ“ – образложи шефот на дипломатијата.

Link with us
Game bài đổi thưởng