ОСМАНИ ВО ЊУЈОРК НА СРЕДБА СО БАЛАКРИШНАН, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ЕКОНОМСКИОТ ЏИН СИНГАПУР

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Сингапур, Вивијан Балакришнан, на маргините на 76 Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

На средбата беа разменети мислења за можностите за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји и беше изразено взаемно задоволство од досегашниот развој на мултилатералната соработка, со посебен фокус на Обединетите нации.

Соговорниците се согласија дека организирање на средби на високо и највисоко ниво, ќе даде нов импулс во заемните односи и дополнително ќе отвори нови можности за унапредување на соработката, особено во делот на економијата и инвестициите.

Воедно, на средбата се дискутираше и за актуелни меѓународни прашања и соработката во меѓународните организации.

Инаку Сингапур е мала островска земја во Азија со околу 5 милиони жители но со БДП од 350 милијарди долари, речиси 50 пати поголем од нашата земја. Тоа е затоа што Сингапур е главно пристаниште во Азија и сите контејнери од Кина и САД поминуваат низ тоа пристаниште и главен аеродром каде сите авиони точат гориво за да летаат до Австралија и Нов Зеланд и обратно кон Европа, земјата има многу напредна економија, банки и атрактивен даночен систем со што привлекува многу светски фирми да имаат седиште во Сингапур. Практично Сингапур е азиската Швајцарија.