Околу 100 000 Руси избегале во Казахстан за само неколку дена, од тамошните власти велат дека нема да ги враќаат освен оние кои се барани поради убиства или кражби.
Сателитските снимки објавени од Maxar Technologies покажуваат долги редови на руската страна на границата со Грузија. Од Максар велат дека прикажуваат сообраќајна колона од околу 16 километри северно од граничниот премин кој бил формиран во неделата и додаваат дека „метежот најверојатно продолжил и понатаму северно од снименото подрачје“.
Си-Ен-Ен претходно во понеделникот објави дека фотографиите и снимките од руско-грузискиот граничен премин што кружат на социјалните мрежи покажуваат долги редови низ планинскиот премин.
Снимките со беспилотни летала од областа во понеделникот сугерираат дека стотици возила се собрани на руска страна, а очевидци велат дека луѓето чекаат до 48 часа за да преминат во Грузија.
Неколку слики покажуваат дополнителни руски безбедносни сили кои пристигнуваат на границата со оклопен транспортер.
Редици се создадени на преминот Верхни Ларс од Северна Осетија кон Грузија и други гранични премини откако претседателот Владимир Путин објави делумна мобилизација минатата недела.
На видеата се гледаат семејства и бројни мажи меѓу оние кои чекаат да го преминат Веркни Ларс. Стотици луѓе се приближуваат до преминот пеш, влечејќи куфери.
Поради ненадејниот прилив, опозицискиот политичар Нона Мамулашвили во Грузија изјави за Си-Ен-Ен дека „ја поттикнуваат владата да воведе визи и/или да ги затвори границите“.
Меѓутоа, во моментов, се чини дека границата е сè уште отворена.