Паднаа жртви во Украина, Русија трупа војска, продолжува евакуацијата

Расте насилството помеѓу украинските сили и сепаратистите подржани од Москва во Источна Украина. Додека сепаратистите обвинуваат дека украинската војска утрово гранатирала неколку населени места во Доњецката народна република, при што загинале двајца цивили, и Киев пријави жртви.

Според Киев, двајца војници загинале додека министерот за внатрешни работи едвај се спасил, откако се нашол под ракетен напад за време на посетата на војниците на позицијата на разделента линија на истокот на Украина.

Инаку, вчера имало над 1400 експлозиии во отцепените региони Доњецк и Луганск информираа меѓународните набљудувачи.

Евакуацијата на цивилите од сепаратистичките територии продолжува, додека мажите кои се во години за борба се мобилизираат. Досега, во Русија минале 40.000 цивили.

Одлуката на Русија да ги задржи војниците во Белорусија, и покрај завршувањето на воените вежби, ги поттикна НАТО и САД да помислат дека Владимир Путин одлучил да ја нападне Украина во наредниот период.

Според најновите проценки на американските разузнавачки служби, Русија сега има речиси 75 отсто од своите конвенционални сили насочени против Украина.

Истовремено, рускиот амбасадор во Вашингтон ги отфрли западните тврдења дека Москва планира инвазија на Украина.

Во Полска, пак, војниците на 18-та механизирана дивизија, за време на викендот започнаа заеднички вежби во југоисточна Полска со американските војници од 82-та воздушно-десантна дивизија“.