Печатот на митрополитот Повмровски Агатангел

Пишува Злате Лозановски, Слободен Печат

Ако победи „нашата света партија“, и ако „нашиот претседател“ ја преземе власта, тогаш прво што треба да направи е да го врати документарниот филм за ликот и делото на митрополитот Агатангел, снимен со пари на верниците, под наслов „Печат на едно време“, и да ја монтира снимката од овој настап на главниот јунак. Ќе биде тоа печат што ќе одбележи едно време на невидено црковно-партиско бесчестие.

Дали е тоа Божја промисла или партиска стратегија, ама во секој случај е вистинско чудо тоа што при неодамнешната кадровска обнова на ВМРО-ДПМНЕ помеѓу новите лица во највисоките раководни тела на партијата не се најде митрополитот Повардарски Агатангел. Просто е неизбежно прашањето на кое тешко може да се најде одговор: со што нововлезените (Клековски, на пример) се повеќе заслужни за делата на партијата и, особено, за ликот на нејзиниот лидер, отколку владиката? Па, има ли некој Повмровски кадар од митрополитот Повардарски?

Но, кај големите верници и духовни чеда нема место за суета, за лутина, уште помалку за одмазда. Во биографијата на Агатангел пишува дека негова патеводителка и инспирација е евангелската доктрина: во неволја и тешкотија да му помагаме на човекот, зашто токму во тешкотијата и несреќата се гледа и се покажува нашата вистинска подготвеност за љубов кон ближните. Затоа реши (не случајно во дел од неговото име е впишано – ангел) да го сврти другиот образ: „Ние Македонците сме емоционални луѓе, ние Македонците сме патриоти, ние си го сакаме својот македонски јазик и држава, својата македонска нација и сето она што е свето и македонско, бидејќи тоа го примивме од нашиот свет апостол Павле, кој шеташе и чекореше по оваа света македонска земја. И затоа, примајќи ги овие свети молитви од овие наши дедовци и прадедовци, длабоко од душата и срцето верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсвета партија ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, сè ова што го дадовме, верувам дека ќе го вратиме назад. Првин со него, а потоа и со Божја помош. Бог и мајката Божја Богородица ќе му помогне него и на сите негови соработници на сè она што е свето македонско, национално, да го врати назад и нема да дозволи некој што не ја чувствува Македонија национално да ја одредува судбината на нашата света земја“, рече духовниот лидер на опозициската партија на верскиот празник Свети Трифун.

Кој не може да поверува – вакво нешто не е кажано уште од времето кога пастир Никола шеташе по земјата македонска – нека прочита уште еднаш. А и не мора – кај да е попот ќе го каже повторно, како што многупати – речиси истото ова – било кажано од устата на истиот свештеник. Тогаш, на пример, кога Агатангел ги организираше насилните протести пред Општина Центар (признание на М. Јанакиески), кога ги благословуваше протестите што завршија со крв во Собранието, кога мандатот Ѓорге Иванов го прогласуваше за Божјо дело…

Зошто, тогаш таа резерва „речиси исто“? Затоа што во овој говор Агатангел, веројатно понесен од атмосферата што (му) ја направи градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, подлегна на искушението и се надмина себеси и реши Христијан Мицкоски, лидерот на, се разбира, најсветата партија, да го стави дури и пред Господ: „Првин со него, а потоа и со Божја помош“! Значи, не како што се велеше досега – со Господ напред; не, отсега ќе биде – со Мицкоски напред! Па, евентуално Господ по него, па Агатангел, па сите негови соработници… Чисто за да го вратиме редот.

Не треба да се изгуби од вид дека Агатангел го промовираше Мицкоски во „наш претседател“. Дали под „наш“ ги подразбираше сите присутни на закројувањето на црковната политика во градот на виното, дали на сите Македонци, вклучувајќи ги и тие што „не ја чувствуваат Македонија национално“, дали сакаше да каже дека нашата света партија не е одвоена од црквата – напротив, толку се споени што не знаеш кај почнува едната, а каде завршува другата – па сега, следствено, нашата света црква доби претседател (засега, пред фактите, молчат и поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан и претседателот на РС Македонија, г. Пендаровски)? За малку, по навика, ќе кажев – Господ знае што мислел Агатангел. Зашто изгледа дека никој не знае што мислел, ако воопшто нешто мислел во тој занес.

Освен, се разбира, Мицкоски, кој ја надгради евангелската доктрина и реши да му помогне на ближниот негов, иако тој и не изгледаше дека е во неволја и во тешкотија (како лидерот на ЛДП, Горан Милевски, и поголемиот број присутни на таа библиска сцена): „Не сметам дека говорот беше потпалувачки, мислам дека е достоинствен затоа што ги рефлектира националните интереси и повикува на обединување околу националните интереси“, оцени „нашиот претседател“.

Ако победи „нашата света партија“, и ако „нашиот претседател“ ја преземе власта, тогаш прво што треба да направи е да го врати документарниот филм за ликот и делото на Митрополитот Агатангел, снимен со пари на верниците, под наслов „Печат на едно време“, и да ја монтира снимката од овој настап на главниот јунак. Ќе биде тоа печат што ќе одбележи едно време на невидено црковно-партиско бесчестие.

tải sunwin

sunwin tài xỉu sunwin club sunwin apk

game sunwin

sun win

sun win