Почна вакцинацијата на пратениците со „Спутник V“

Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска со „Спутник V“ ќе се вакцинираат пратениците како дел од критичната инфраструктура, опфатена во Националниот план за ковид имунизација. Вакцинацијата на пратениците ќе се одвива во три групи, односно од 10 до 18 часот, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека вакцинирањето на пратениците и вработените во Собранието е од клучна важност за функционирање на законодавниот дом и непречено носење на закони во интерес на граѓаните. Тој изрази надеж дека кон средината на мај Собранието ќе продолжи со нормална работа.

– Денеска, во салата Борис Трајковски, според планот за масовна имунизација на населението ќе се вакцинираат пратениците и дел од службениците кои не беа опфатени со претходната вакцинација. Јас и колегите како и службениците ќе примиме вакцина која што во моментот е достапна за сите граѓани на нашата држава. Собранието е во втората фаза за вакцинација односно приоритетна група за вакцинација како неопходна институција, носител на законодавната власт. Иако постоеше можност и препорака пратениците да се вакцинираат со претходно достапната вакцина, донесов одлука дека предност треба да се даде на службениците во Собранието, а потоа да се вакцинираат пратениците. Моја обврска беше да доставам список на сите 120 пратеници, а нивна одлука е дали ќе примат вакцина или не, јас не можам да се мешам во тоа, секој од нив добива порака во која група е за вакцинирање – рече Џафери и упати апел до сите граѓани да се пријават за вакцинирање и секој од нас да придонесе во зголемување на колективниот имунитет во нашата држава, а со тоа и за надминување на пандемијата.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во салата паралелно се одвива и вакцинацијата на постарите граѓаните. Според него, вакцинацијата се одвива добро на територија на целата држава, останати се по 5.000 дози од вакцината на „Астразенека“ и „Фајзер“, како и на „Синофарм“, а најави и пристигнување на околу 26.000 дози од вакцината „Фајзер“ и 200.000 на „Синофарм“ до 28 април. Вакцинирањето поинтензивно ќе продолжи да се спроведува по велигденските празници.

Link with us
Game bài đổi thưởng