Почнуваат Зимските олимписки игри, Дардан Дехари ќе го носи македонското знаме на отварањето

Со церемонијален настан кој ќе започне од 13 часот според средноевропско време на стадионот „Птичје гнездо“, денеска во Пекинг ќе бидат отворени Зимските олимписки игри.

Оваа година учество ќе земат oколу 3.000 спортисти од 91 држава, кои ќе се натпреваруваат во 109 различни категории од вкупно 15 зимски спортови.

Претставници од Македонија се Ана Цветановска и Ставре Јада во категоријата нордиско трчање и Дардан Дехари во алпско скијање. Честа да го носи македонското знаме на свеченото отварање ќе ја има Дардан Дехари.

Како што информираат од Македонскиот олимписки комитет, претходно беше најавено да му се придружи и Ана Цветановска, но таа исто како и Ставре Јада, нема да биде во можност поради контактот со нејзиниот тренер, Борче Јовановски кој е позитивен на корона вирусот, за што сега и двајцата спортисти се наоѓаат во изолација.

Првиот настап на Ана е утре, на 5-ти февруари, а следниот на 10-ти во дисциплините 7,5 км слободно плус 7,5 км скијатлон и 10 км класично нордиско трчање. Јада настапува на 8 и 19-ти февруари, додека Дехари ќе настапи во слалом (алпско скијање) на 13-ти февруари и во велеслалом на 16-ти февруари.

За специјалниот настан што се одржува по повод започнувањето на олимписките игри е задолжен најдобриот режисер од Кина Џанг Јиму, на кој исто така му припадна честа за осмислување на претходното отварање на летните олимписки игри во Пекинг во 2008 година што се одржа на истиот стадион, „Птичјо гнездо“. Ова е единствениот стадион во светот каде се одржале и летните и зимските олимписки игри.

Џанг Јиму се враќа на сцената за режирање на важниот настан по 14 години во целосно променети услови. Ситуацијата со вирусот ги ограничи неговите средства на намалување на изведувачите и времетраењето на церемонијата.

Моментално, мерките за заштита во милионскиот град се силно заострени поради зголемениот број на пријавени ковид инфекции во периодот од 24 до 30 јануари.

„Градот е поделен на два дела, внатрешен каде се наоѓаат организаторите, натпреварувачите и новинарите кои живеат како во балон, тестирани се секој ден, а нивната храна ја служат роботи и надворешен каде се наоѓа останатата популација“, јавуваат новинарите на Си-ен-ен.

За годинешните Зимски олимписки игри покрај внимавањето од заразување со корона вирусот, на сите кои пристигнаа од Федералното истражно биро (ФБИ) во САД им беше напоменато да ги остават своите телефони дома, и наместо тоа, да користат „привремени“ телефони поради опасност од кибер-напади.

24-тото издание на Зимските олимписки игри завршува на 20-ти февруари.