Полска свикува вонредна седница на ОБСЕ поради Украина

Полска, која моментно претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), денеска најави дека ќе свика вонредна седница на Постојаниот совет на таа организација поради ситуацијата во Украина.

„Украина побарала седницата да се одржи утре“, се наведува во писмото што на Твитер го објави постојаниот претставник на Полска во ОБСЕ, Адам Халачинские.

Западните земји ја обвинуваат Русија дека се подготвува да ја нападне Украина, додека Москва ги негира таквите тврдења.

Американските војници кои неодамна пристигнаа во Полска почнаа со вежби во близина на границата со Украина, изјави полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.
– Во текот на викендот војниците на 18-та механизирана дивизија на полската армија почнаа заеднички вежби во југоисточниот дел на земјата со американски војници од 82-та воздушно-десантна дивизија, напиша Блашчак на Твитер.

САД и Велика Британија неодамна распоредија дополнителни 1.700, односно 350 војници, во Полска.

Пентагон подоцна најави испраќање на уште 3.000 војници во Полска.