Премиерот Заев за „Еуроњуз Албанија“: Северна Македонија е доказ дека мултиетничките општества може да бидат голема предност, поука и пример за сите други земји

„Ако испорачуваме и Европа мора да испорачува, затоа првата порака е таа – да продолжат процесите, заради тоа што во спротивно се развиваат нон пејпери и дискусии за нови етнички граници, нови граници на држави, а тоа, знаат и децата е можно само со пушки и со оружје. Не нѝ треба тоа, 21 век е“, вели премиерот Заев во интервју за „Еуроњуз Албанија“ (Euronews Albania), додавајќи дека тој сериозно верува дека, ако Европската Унија затајува и ги забавува процесите, се создава плодна почва и за нон пејпери и за стратегии кои ќе се развијат во нешто кое што нашите народи овде не го посакуваат.

Премиерот Заев во интервјуто потсетува дека во светот се развива ерата на четвртата индустриска револуција и Балканот е навистина променет, заради европската иднина којашто сите ја посакуваат.

Тој посочи дека е многу важно и тоа што, нашата држава, Северна Македонија, е доказ дека мултиетничките општества може да бидат голема предност и поука и пример и за сите други земји.

„Сето тоа е возможно со европската мотивација, Европа е должна да нѐ држи мотивирани за да продолжиме кон нашиот европски пат“, изјави премиерот Заев, додавајќи дека национализмот и шовинизмот го има насекаде во светот, но на Балканот е видлив и затоа не треба да се потхранува бидејќи ги уништува перспективите на младите, нивните генерации.

„Сите ние имаме посебно национално чувство и топлина во нашите гради, но сите ние сме должни да им оставиме на децата европска иднина затоа верувам во онаа обединетост на различностите што е симболот на ЕУ“, вели одлучно Заев.

Премиерот Заев додава оти верува дека Европа навистина ќе остане Европа, солидарна и во својата филозофија на формирање и опстојување како уникатен пример во светот, ќе продолжи да постои и да се унапредува.

„Затоа што иднината на светот е преку развивање на демократските вредности, преку слободите, преку обединетост во различностите да се остварува просперитет и иднина на целиот свет, па така и на европскиот континент“, вели премиерот Заев во интервјуто за „Еуроњуз Албанија“.

Link with us
Game bài đổi thưởng