Приведен насилник од Скопје, физички нападнал малолетници
На 09.09.2022 во 20.00 часот на бул.„Србија“ полициски службеници од Полициската станица Аеродром го лишиле од слобода М.Л.(21) од Скопје. Имено, тој претходно пред угостителски објект на подрачјето на Кисела Вода физички нападнал малолетник, а потоа во близина на средно училиште на подрачјето на Кисела Вода физички нападнал уште двајца малолетници.
М.Л. бил приведен и задржан во Полициската станица Кисела Вода, а по комплетно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.
Приведен скопјанец, кај него пронајдени пиштол, куршуми и девизи
На 09.09.2022 во 16.45 часот на ул.„Ѓорѓи Димитров“ полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода В.И.(33) од Скопје. Кај него биле пронајдени и одземени пиштол „Црвена застава“, калибар 7.65 мм, рамка со пет куршуми и странски валути во поголем износ.
Тој бил приведен и задржан во Полициската станица Кисела Вода, со него бил извршен службен разговор и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Приведени дилери од Струмица, пронајдени кокаин и марихуана
На 10.09.2022 во Струмица полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица ги лишиле од слобода Б.Х.(28) и М.Д.(33), и двајцата од Струмица. При преглед на Б.Х. биле пронајдени шест пакувања со кокаин, а при претрес во домот на М.Д., извршен со судска наредба на Основен суд Струмица, биле пронајдени две ќеси со кокаин и две пакувања со марихуана.
Лицата се приведени и задржани во Полициската станица Струмица, известен е Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по целосно документирање на случајот тие ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка од Основен суд Струмица, а против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Приведено лице за издржување на затворска казна
На 09.09.2022 во 14.30 часот на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од Единицата за внатрешни работи-Одделение за криминалистички работи Кисела Вода го лишиле од слобода Б.А.(30) од Скопје.
Тој се барал по наредба од Основен суд Скопје 1 за издржување казна затвор за сторено кривично дело и ќе биде спроведен до надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.
Приведен криумчар кој превезувал тројца мигранти
На 09.09.2022 во 21.00 часот на автопатот Демир Капија-Неготино, кај наплатна рампа Демир Капија, од полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Михајлово“ било сопрено патничко возило „мерцедес Ц 200“, со струмички регистарски ознаки, управувано од Б.М.(26) од Струмица. При извршена контрола во возилото било констатирано дека во него се превезувале Б.С.(22), М.М.(23) и Д.М.(27), сите од Р.Турција, кои немале уредни патни исправи.
Од извршената проверка било констатирано дека тие немаат остварено влез во државата на официјален граничен премин. Сите четворица биле приведени во Полициската станица Неготино за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.