Редици пред студентските домови, најавената дигитализација при вселувањето не функционира

Студентски дом Гоце Делчев
Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк (септември 2021)
Утрово во 9 часот започна вселувањето во државните студентски домови во Скопје, откако студентите ги добија резултатите од објавениот конкурс пред два дена. Во наредните десет денови, оние студенти кои добиле легло во некој од студентските домови, ќе можат да се сместат со потпишување на договор со домот во кој се примени.

Годинава, согласно конкурсот, во студентските домови се предвидени вкупно 4.834 легла, односно 400 легла помалку од минатата академска година, поради нефункционирањето на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, кој во моментов се реновира. Покрај тоа, 30 студенти помалку ќе бидат примени и во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Новина од годинава е тоа што студентите кои престојуваат во домовите кои се под раководство на Државниот студентски дом – Скопје, ќе добијат и унифицирана студентска картичка, преку која ќе можат да плаќаат станарина по електронски пат и да ги користат машините за рециклирање на пластична амбалажа кои беа пуштени во употреба пред неколку месеци. Оваа картичка при вселувањето студентите ќе ги чини 300 денари.

Инаку, со воведувањето на унифицираната студентска картичка беше најавено дека ќе „исчезнат“ и гужвите при вселувањето во домовите, кои, сепак, и денеска ги имаше. И покрај тоа што од ДСД – Скопје во мај најавија дека студентите повеќе нема да носат хартиени документи и договори при вселувањето, туку сето тоа ќе можат да го направат електронски преку новиот систем на домот со цел да не се создаваат редици, студентите и годинава сепак мораа да купат хартиени документи, кои во дел од студентските домови чинеа и 500 денари, двојно повеќе од минатата година.

Зголемени годинава се и трошоците за одржување и амортизација. Ако до лани студентите сместени во „Гоце Делчев“ за одржување плаќаа по 300 денари, од годинава овој износ се зголеми трикратно, на 1.000 денари.

Мета.мк неколку пати се обиде да стапи во контакт со Државниот студентски дом – Скопје за да праша за најавената, а невоведена дигитализација на процесот при вселување и за покачените цени, но до овој момент не добивме одговор.

Link with us
Game bài đổi thưởng