РУБИН ЗЕМОН: Знаете ли колку офицери имало во бугарската фашистичка војска по потекло или родени од Македонија? Глава боли од бројката…

Се повеќе пропаѓаме во амбисот на “националните” истории…

Треба да се пишува и учи историјата на човекот, на движењата, идеологиите, не на нацииите!
Пред 1941 дали нашата територија беше слободна или окупирана од Кралството СХС? Пред 1912 нашата територија беше слободна или окупирана од Османлиите? Пред 1371 нашата територија беше слободна или окупирана од Волкашин, Углеша, Цар Душан, а пред тоа од Византија? Пред востанието на Комитопулите нашата територија беше слободна или окупирана од бугарските цареви?….Пред “склавините” беше ли окупирана од Ромеите?! Пред 4. век беше ли окупирана или слободна земја римската провинцијата Македонија од Римјаните? Територијата на Пајонците, Десаретите беше слободна или окупирана од Филип II Македонски?… И така се до пештерските луѓе!

Во 1941 на 6 Април силите на фашистичката Тројна оска го окупираа и поделија Кралството Југославија. Мојата Струга беше во италјанската окупациона зона, а мојот Охрид во бугарската окупациона зона. Режимот беше фашистички. Антифашисти беа само комунистите во тоа време, кои биле малку, во илегала и често издадени од своите сонародници. Методија Андонов Ченто на 11 октомври не бил меѓу востаниците и го одбил повикот на Кузман Јосифоски Питу да се приклучи во партизани, иако живеел во Прилеп каде се дигнало востанието. Се приклучил дури 1943 кога видел дека фашистичка Бугарија ќе капитулира…
Знаете ли колку офицери имало во бугарската фашистичка војска по потекло или родени од Македонија? Глава боли од бројката…
Кнезот Павле и владата Цветковиќ-Мачек на 25 март 1941 потпишаа да и Кралството Југославија биде дел на силите на Тројната фашистичка оска. На 27 март се случи државниот пуч во Белград предводена од ген. Душан Симовиќ, како и отфрлување на договорот од 25 март со Хитлер. Затоа на 6 Април се случи окупација на Југославија и на територијата на денешната Република Северна Македонија. Да не беше пучот од 27 Март во Белград, денес и ние ќе се срамевме поради идентификувано фашистичко минато…

Затоа велам да баталиме фокусот на националните истории, не да се игнорира, туку да се дефокусира вниманието од национален, етнички пристап на гледање на историјата.