СДСМ БИТОЛА: Спиро Мавровски е најлошиот директор на рудници во историјата на РЕК Битола и нема никаков легитимитет да критикува!

Спиро Мавровски, исто како и неговиот партиски шеф Христијан Мицкоски, од енергетика се разбира, што би се рекло во народната, колку што се разбира магаре од музика.
Фактот што работниот век го поминал во РЕК Битола не е никаква референца да се претставува како експерт, а уште помалку да ги анализира податоците од работата на комбинатот во периодот од 2018 година до сега.
Спиро Мавровски беше продолжена рака на режимска инсталација која го упропасти електроенергетскиот систем на државата додека високи партиски функционери на ВМРО – ДПМНЕ стануваа газди на хидроелектрани.

Наместо за филозофира за работи кои не ги разбира, не е доцна Спиро Мавровски да сподели со јавноста информации за “успесите” што ги постигна додека беше раководител и директор на Рудникот Суводол на РЕК Битола, од 2008 до 2015 година. Токму овој период е најцрниот во постоењето на комбинатот. Се трошеле милиони евра за ископ на јаглен, а производството постојано се намалувало.
Така, во 2009 година биле потрошени точно 8.117.030 евра за ископ на јаглен, а биле произведени 4.197 GWh струја.

Во 2015 година, кога Спиро Мавровски бил директор на Рудникот Суводол биле потрошени 32.763.733 евра за ископ на јаглен, а РЕК Битола произведол само 3.000 GWh електрична енергија.
Трошокот за ископ на јаглен по мегават час произведена струја во овие две години изнесува 1,49 евра во 2009 година, односно 10,92 евра по мегават час во 2015 година.

Потрошувачката на мазут, пак, во 2014 и 2015 година ги руши сите рекорди во постоењето на РЕК Битола. Во 2014 биле потрошени 33.238 тони, а во 2015 година 32.686 тони мазут за да се произведат само 3.334 GWh во 2014, односно 3.000 GWh во 2015 година.

Мрачниот период од работењето на Спиро Мавровски во РЕК Битола се однесува и на поплавата што во Рудникот Суводол се случи во 2012 година кога багерите со месеци не работеа, но јавноста, секако, не беше известена бидејќи за проблемите во тој период не се зборуваше. Се беше розево, а ВМРО – ДПМНЕ и нејзините кадри речиси да беа семоќни.

Ако тогаш не му дозволуваа од партијата да зборува во јавноста за состојбите во РЕК Битола, еве му сега прилика на Спиро Мавровски да сподели колку народни пари потрошил за ангажирање на надворешна механизација. Ако не се сеќава, го потсетуваме дека во 2013 и 2014 година, токму кога беше директор на рудникот Суводол, РЕК Битола платил над 25.000.000 евра за ангажирање на помошна механизација. Тоа беа пари на граѓаните, не на Спиро Мавровски или неговиот тогашен партиски шеф, Никола Груевски.

Статистиката е наука што се докажува. И таа никако не му оди во прилог на Спиро Мавровски и ВМРО – ДПМНЕ кога зборуваат за РЕК Битола, ЕСМ и енергетиката генерално во земјава. Затоа, ВМРО – ДПМНЕ посегнува по она што најдобро го знае – ширење на лаги и хистерија меѓу граѓаните. Пред секои избори ВМРО – ДПМНЕ ги “труе” битолчани дека СДСМ ќе го затвора РЕК Битола, а тие свесно и систематски го уништувале и грабале цели 12 години. Секоја грејна сезона ВМРО – ДПМНЕ шири хистерија дека РЕК Битола само што не застанал со работа оти нема јаглен, а тие цели 12 години го урнисувале комбинатот, оставајќи го без проекти за ископ, претворајќи го рудникот во дупка во која не се знае кој каде што прави.

Во годината кога комбинатот слави 40 години од постоењето најмалку што заслужуваат поранешните и сегашните вработени во него е нивни поранешен колега да ја омаловажува нивната пожртвуваност и продонес во работата на комбинатот!