СДСМ: Ја намалуваме стапката на невработеност, 28 милиони евра за Оперативниот план за вработување за 2022 година

Владата предводена од СДСМ преку ефикасни мерки и политики обезбедува намалување на стапката на невработеност и повисок животен стандард за граѓаните и во време на криза.

Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување како еден од најуспешните владини проекти, испорачува видливи резултати.

Во 2021 со Оперативниот план се опфатија 11.292 невработени лица. 4.000 лица лани се вработиле само со мерките за самовработување и поддршка за креирање нови работни места, додека 3.787 млади лица до 23 години вработени во производство и земјоделство добија младински додаток на платите.

Веќе четврта година по ред се спроведува и проектот „Гаранција за млади“ кој опфаќа невработени млади лица на возраст до 29 години. Лани со оваа мерка се опфатија 19.298 млади невработени лица од кои 75% биле жени.

Дополнително, Меѓународниот монетарен фонд потврди дека околу 60.000 работни места се спасени со мерките за помош во време на криза.

Овие податоци се дополнителен мотив за реализацијата на мерките да продолжи понатаму.

Токму затоа, креиран е и оперативен план за 2022 година, за кој се обезбедени 1,73 милијарди денари, односно 28 милиони евра.

СДСМ како одговорна партија продолжува со реализирање на мерки и политики кои обезбедуваат нови работни места, намалување на стапката на невработеност и повисок стандард за граѓаните.