СДСМ: Универзалната сала е стручно подготвен проект, Арсовска да се фати за работа

Данела Арсовска веќе не знае како да се брани заради својата неспособност и започнува со целосни лаги да го правда своето неработење, реагира СДСМ по прес конференцијата на градоначалничката на Скопје која тврди дека имало грешки во проектот за Универзалната сала направени во претходното раководство.

– Откако го стопираше проектот за иградба на Универзална сала и двомесечен молк за причините заради кои го стопирала проектот, денес излезе со целосна лага во јавноста. Целосно е неточно дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден. Проектот е професионално сработен и одобрен низ повеќе постапки од стручни лица и целосно е безбеден. Самиот проект уште на почетокот е пратен на мислење на Градежен факултет од каде е одобрен и тоа одобрување Град Скопје го има, вели СДСМ.

Според партијата, проектот бил пратен и одобрен од Институтот за сеизмолошки истражувања со што се потврдува неговата безбедност и стабилност за градба.

– Надзорот на изградбата ги има исто така одобрено сите градежни зафати. Не постои ниедна постапка или процедура за изградба на Универзална сала која не е запазена во целост. Записници за технички решенија во тек на градба не се и не може „градежен безбедносен проблем“ да бидат оправдување за неспособноста на Арсовска. Јавно ја прашуваме, што се крие зад стопирање на проектот? Која е вистината, има ли бизнис интереси Арсовска и нејзиниот шеф Христијан Мицкоски од блокирањето на сите проекти започнати од власта на СДСМ? Редно е да прекинат да ја лажат јавноста и да се фатат за работа, скопјани веќе го изгубија трпението во најлошата градоначалничка која некогаш Скопје ја имало, се вели во реакцијата на СДСМ.