СЕКУЛОВСКА ГО НАПРАВИ ПАРТАЛ РУСКИОТ АМБАСАДОР: Е, мој друже московски, амбасадоре Баздникин

Додека го пишувам овој текст, руските трупи опасно се приближуваат кон Киев. Џамијата на Султан Сулејман Величенствениот и неговата жена Роксолана во Мариупол е гранатирана од руската војска. 80 возрасни и деца се криеле токму во оваа џамија.

За тоа време, рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, еднакво како и неговиот врховен шеф, Владимир Владимирович Путин, велат дека не постои никаква војна, освен онаа најопасната- информативна војна, дури и терор, за да се дискредитира раководството на нивната земја. Сè останато се привиденија, халуцинации и фантазија на целиот свет, да се заклучи во слободно парафризирање овој огорчен говор на амбасадорот на ТВ- Сител.

Господинот Баздникин веројатно очекувал дека светот ќе распосли црвени ружи онаму каде што газат руските тенкови и ќе дарува на војниците шарено полско цвеќе, затоа што Путин замислил дека тие се ослободители. Замислиле дека Украинците, сите оние херои кои ја бранат својата земја ќе расфрлаат цвеќиња секаде каде што Русите палат и бомбардираат украински болници, згради, онаму каде што се решетаат украинските луѓе, онаму каде што се покосуваат со рафал деца, додека трчаат со куферите да се спасат. Деца, штотуку проодени и прогледани, деца кои само што малку го запознале светот, едвај дознале за него, деца кои се покајале веднаш кога навистина светот го виделе, зошто воопшто ги родиле.

Светот некој час подоцна ги гледа куферите до нивните покриени тела, на кои се гледаат само нозете. Семејствата ги препознаваат своите деца, сопруги и сопрузи по куферите.

Куфер во „Речникот на македонски јазик“: Тврд правоаголен ковчег, со капак и рачка за носење облека и предмети при патување. Куфер во „Речникот на јазикот на Путин“: Станува мртовечки ковчег при последното патување.

За тоа време, амбасадорот Баздникин и неговиот врховен шеф, Владимир Владимирович Путин, велат дека тоа е само информативна војна која светот ја води против Русија. Сите оние деца испружени пред куферите не постојат, освен во нашите глави. Украинците бегалци, кои сведочат во други земји, оние кои ги засолниле, кои говорат за истите тие деца и идентичните куфери, и тие не постојат.

Постои само една вистина, големата Русија и уште поголемиот Путин. Во тој свет кој тој го изградил, сè е Потемкиново село. Авионите кои ги бомбардираат украинските болници се само тигри од хартија, расфрланите тела се исечени делови од весници, детските куферчиња се само набрзина наредени лего-коцки.

Стотиците Македонци кои ја поддржувале Русија, како вели амбасадорот Баздникин, само тие не се дел од сценографијата на Потемкиновото село. Само тие не се наредени џуџулести човечиња од пластелин, со развиорени руски знамиња, тргнати во прегратка на сонот на Путин да завладее со светот. Само тие се споменици на вистината, извајани во натприродна големина, вистина поголема и од самиот руски народ, затоа што и тој плаче по своите деца кои Путин ги пакува во воени одреди и потоа во ковчезите, а тоа е и оној руски народ кој плаче и по украинските деца, кои Путин ги пакува во расфрланите куфери до нивните тела.

Е, мој друже московски, амбасадоре Баздникин.

ИЗВОР: ПОРТАЛ 25 МИНУТИ ПЛАТФОРМА

Link with us
Game bài đổi thưởng