Вицепремиерот вели дека ја разбира загриженоста на стопанството поради високата цена на струјата и истакна дека се обидуваат да најдат дополнителни извори на електрична енергија, со оглед дека дел од стопанството е на либерализираниот пазар.
Сите да се однесуваме разумно и секој кој има можност да влијае кон тие кои можат да помогнат врз состојбата со енергетската криза, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот вели дека ја разбира загриженоста на стопанството поради високата цена на струјата и истакна дека се обидуваат да најдат дополнителни извори на електрична енергија, со оглед дека дел од стопанството е на либерализираниот пазар.
„Сосема ја разбирам загриженоста на бизнисите, на стопанството. Впрочем не треба да заборавиме дека веќе со преземените мерки дел од стопанството е навистина помогнато, дел од стопанството кое што не влегува во либерализираниот пазар на електрична енергија користат субвенционирана електрична енергија од страна на Владата и тоа не е мал дел затоа што бројот на тие компании е значително поголем. Исто така не треба да заборавиме дека Владата мора да го штити сегментот којшто е најголем, а тоа се домаќинствата и малите потрошувачи“, рече Битиќи.
Владата, дополни вицепремиерот за економски прашања, подолг временски период ја субвенционира електричната енергија за 80 отсто од реалната цена која би требало да ја плаќаат граѓаните. За жал, посочи тој, останува еден сегмент од стопанството којшто во овој момент останува на либерализираниот пазар.
„Таму се обидуваме да најдеме дополнителни извори на електрична енергија коишто преку различни начини на поддршка од страна на Владата ќе дојде до крајните корисници, а тоа се стопанството по далеку пониски цени од берзанските цени“,рече Битиќи.