Скопје на плус 40 степени: Граѓани колабираат во автобус, на пазар, во Итна помош и по 100 повици

Тропските горештини што ја зафатија и нашата земја кулминираат денеска и утре со температури и над 40 степени Целзусови во југосточниот регион, па активирано е портокалово, а во јужновардарскиот регион и црвено ниво за опасност. Скопјани, но и жители на другите градови, почнаа да колабираат среде улица, но и пред банка, на пазар, но и во градски автобус, и покрај тоа што возилата се климатизирани. Еден од најтоплите градови денеска е Гевгелија, каде во 14 часот температурите веќе достигнале 41 степен, а, како што прогнозираат од УХМР, до 17 часот ќе се зголемат до 43 степени! Во Скопје во 14 часот биле измерени 36 степени, а синоптичарите очекуваат максимални 40 степени.

Освен градскиот алфалт, се „вжешти“ и телефонот 194 на Службата за итна медицинска помош во Скопје каде најмалку по стотина граѓани дневно бараат интервенција од лекарските екипи, но и совети за спас од горештините.

Недисциплинирани граѓани

Лекарите предупредуваат – дел од граѓаните не ги почитуваат мерките за заштита од топлотниот бран и излегуваат надвор и во периодот кога е најтопло – од 10 до 18 часот, што може скапо да ги чини по здравјето, а дури и по животот!

– Ова се животозагрозувачки надворешни температури, затоа граѓаните особено постарите и хронично болните, треба да се придржуваат до советите на надлежните. А не, како што се случува, и постари граѓани да излегуваат надвор, многумина одат и со автобус, па бидејќи се изложени на топлото време се онесвестуваат на пазар, во автобус или пред зградата во која живеат, но и пред банка. Па веќе интервениравме на неколку повици за колабирани граѓани. Овие натпросечно високи температури пречат сериозно на здравјето – доведуваат до ширење на крвните садови, па доаѓа до намалување на крвниот притисок што може да предизвика вртоглавица, главоболка и други тегоби – вели д-р Ирина Манчевска Настоска, лекар во скопската Итна помош, инаку специјалист по ОРЛ.

Трнење на прстите и морници по кожата, но и психички тегоби

Таа предупредува дека од жешкото време кај граѓаните може да се јават и психички тегоби како вознемиреност, страв.

– Од топлото време граѓаните може да почувствуваат и трнење на прстите, трпки (морници) по кожата, бидејќи се потиме, па се губат електролити и затоа мора да се внесуваат повеќе течности, вода, негазирани пијалоци, чаеви, а особено е важно да се престојува во проветрени, разладени простории. Но граѓаните да внимаваат да нема големи температурни разлики кога од дома излегуваат надвор на плус 40 степени Целзиусови, бидејќи тогаш се, исто така, можни колапси – додава д-р Манчевска Настоска.

Од УХМР прогнозираат дека продолжува период на многу топло време со натпросечни температури за овој период од годината. Мало опаѓање на температурите се очекува в недела и понеделник за кога се прогнозираат максимални 38 степени.

И утре целата територија на нашата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза, па продолжуваат да важат препораките од Министерството за здравство – од работа да бидат ослободени бремените жени и лицата постари од 60 години и други мерки за заштита од топлотните бранови.

Како што предупредија од Министерството за труд и социјална политика, со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

ИЗВОР: НОВА ТВ

Link with us
Game bài đổi thưởng