Томе Блажески: Сонуваме да бидеме запишани во Уставот на РС Македонија

Сонуваат да бидат впишани во Уставот. Така одговори Томе Блажески од Охрид на прашањето поставено од Радио Бугарија, за што сонуваат Бугарите во Македонија.

Томе Блажески претседател на здружението „Цар Борис III“ од Охрид во интервју за Радио Бугарија вели дека не е лесно да бидеш Бугарин во Македонија, додавајќи дека сега времето е тешко, но се надева дека работите ќе се средат.

Блажески смета дека РС Македонија како млада држава треба да биде блиска со Бугарија, ако сакаме работите да средат.

„Ги молиме бугарските политичари, да направат се што е можно за да бидеме впишани во македонскиот Устав. Сакаме да се бориме за нашите права и за нашата култура“, вели Блажески.

Според него во Охрид и регионот има повеќе од 10 илјади луѓе кои имаат и бугарско државјанство, а многу од нив и се чувствуваат Бугари.

Пред радио Бугарија Томе Блажески потсети и на искршената плоча поставена од него и негови истомисленици во чест на Тома Давидов.

„Како што кажав, има притисок – не можеш да бидеш слободен граѓанин. Пред формирањето на здружението се организиравме група охриѓани со бугарски идентитет и други Македонци и поставивме спомен плоча на војводата Тома Давидов, кој бил со висок чин во бугарската војска. На плочата немаше ништо бугарско, само натпис „Јас не сум од Македонија, но би го дал животот за нејзината слобода“. Се беше напишано на македонски јазик. Плочата беше скршена за една недела. Немаше провокација, немаше бугарски знамиња – ништо! А Тома Давидов бил војвода на овој крај, ги обучувал комитите, но штета што луѓето не ја знаат оваа приказна“, вели Блажески.

Целиот материјал со интервјуто на Томе Блажески за Радио Бугарија можете да го прочитате и слушнете на овој линк.