Управата за извршување на санкциите: Немало организирано учество на затворски полицајци на Илинден во Крушево

„Управата за извршување на санкциите со внимание ги проследи објавите на електронските медиуми, во кои партијата Левица бара од министерот за правда да го разреши директорот на КПУ ‘Затвор Скопје’, Филип Андов, за наводно ангажирање припадници на затворската полиција од ‘Затворот Скопје’ и малтретирање партиски член на прославата на државниот празник Илинден.

Управата ја провери веродостојноста на наводите од текстот погоре и побара информација од директорот на КПУ „Затвор Скопје“.

Во согласност со добиените сознанија, Управата за извршување на санкциите демантира какво било организирано учество на припадници на затворската полиција во настанот што се случил во Крушево.

Припадниците на затворската полиција ги извршуваат своите работни задачи институционално, т.е. во казнено-поправните установи, каде што се вработени, и немаат никакви овластувања да постапуваат по ничија наредба надвор од затворскиот систем и поврзано со службените задачи, како и надвор од работното време.

Доколку некој во приватно својство учествува во таков или сличен настан, не може обвинувањата да се упатат на кој било функционер што раководи со институцијата и на сите припадници на затворската полиција, како и да се политизира настан што нема таква заднина“, се вели во соопштението што го испратија од Министерството за правда.