(ВИДЕО) Бојковски: Инвестиции во инфраструктурата, дигитализацијата и социјалната заштита се дел од мојата изборна програма, за најдоброто во Кратово и кратовчани

„Во мојата изборна програма централно место имаат капиталните инвестиции. Затоа што токму за искористување на туристичкиот и енергетскиот потенцијал на општината клучни се инвестициите во инфраструктурата“, посочи кандидатот за градоначалник на Општина Кратово, Влатко Бојковски.

Како дел од Изборната Програма, Бојковски ги наведе, изградбата на нов пат од с. Железница – с. Горно Кратово – с. Нежилово, изградба на спортско-рекреативен планиски центар на Осоговски планини во атарот на селата Нежилово и Каврак, како и рехабилитација и асфалтирање на постоечките локални патишта и улици.

„Ќе инвестираме и во дигиталната инфраструктура. Тоа значи воспоставување на тикетинг систем за пријавување на дефекти во склоп на апликацијата „MyKratovo“. Давањето основ и следливоста на реализацијата на тикетот ќе го следи општинската администрација во координација со институциите и органите непосредно задолжени за постапување по тикетот“, рече Бојковски, истакнувајќи ја потребата од дигитализацијата која е неопходна во денешно време. За модерно Кратово, кое ќе одговори на потребите на младите, на граѓаните.

Како дел од проектите преточени во изборната програма Бојковски ги посочи и инвестициите во нов старски дом со капацитет од 70 лица, кој ќе биде првиот општински дом за стари лица во регионот. Истовремено, овој проект претставува двојна придобивка и место, катче за старите лица и нови 10 вработувања од општината.

Бојковски најави и реконструкција на детската градинка во Кратово, но и финансиска поддршка за секое новороденче од 2.500 евра еднократно, со цел поттикнување на наталитетот.

„Бидејќи доаѓам од ИТ индустријата, најавувам реализација и на клучни проекти во образованието. Преку посетување на обуки во неформалното образование учениците од СОУ „Митко Пенџуклиски“ ќе треба да се стекнат со знаења и вештини кои им се потребни за работа во информатичката индустрија, како и останатите гранки на дигитализацијата. Најмалку една половина од учениците по завршувањето на средното образование врз основа на стекнатите вештини за програмирање, дизајнирање, дигитален маркетинг, диспечер или тестер да може да влезат веднаш на работа во ИТ индустријата која во моментов е индустрија која обезбедува највисоки плати за вработените. Во овие индустрии како работник може да се влезе и на 18 годишна возраст, а најважното нешто е некој да те обучи како да работиш и да почетна плата е над 500 евра“ рече Бојковски.