(ВИДЕО) Ковачевски: До 2023 намалување на персоналниот данок во ИТ од сегашни 10 на 0 проценти

„До 2023 година, предвидуваме намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто што ќе биде силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор каде од ден во ден се потребни се повеќе работници“, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Премиерот најави дека до 2023 година, се предвидуваат низа стимулативни мерки во ИКТ секторот освен намалување на персоналниот данок од сегашните 10 отсто на 0 отсто, ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци за ИТ индустријата.

Премиерот Димитар Ковачевски во придружба на министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, денеска беа во посета на компанијата „Меџикс“.
Станува збор за стартап компанија основана од младата претприемачка Катерина Здравевска со користење на мерката за самовработување на Министерството за труд и социјална политика.

При оваа посета премиерот Ковачевски и посака големи успеси на оваа млада компанија специјализирана за примена на алгоритми од вештачката интелигенција, подвлекувајќи дека претприемачите имаат силна поддршка од Владата на Република Северна Македонија која ќе продолжи да вложува во перспективните компании.

„Финансиската поддршка на Владата во перспективни компании и стартапи во ИКТ секторот ќе продолжи и ќе расте. Секое ново работно место во оваа индустрија значи добро платена позиција, сигурна кариера и развој на младите и конечно развој на економијата и раст на животниот стандард во земјата”, истакна премиерот Ковачевски.

Во оваа пригода тој го изрази своето задоволство од резултатите на оперативниот план за вработување со искористеност од преку 92%, што потврдува дека парите правилно се вложуваат. Исто така обуките за развој на дигитални вештини имаат 100% реализација, а 400 невработени лица се стекнале со дигитални вештини благодарение само на оваа мерка.

„Заради ефикасноста и големиот интерес минатата година, во 2022 го креиравме Оперативниот план во износ од 28 милиони евра. Тој е за 230 милиони денари повеќе од минатата година“, подвлече премиерот Ковачевски.

ИКТ секторот во Северна Македонија во последните години бележи постојан раст во однос на бројот на компании и вработени, раст на извозот и на приходите. Нашите заложби насочени кон натамошно подобрување на условите за работа и растот на оваа индустрија ги преточивме во конкретни мерки на барање на секторот.