(ВИДЕО) Милевски на средба со Караџов во Софија: Интензивна соработка меѓу градоначалниците и општините на двете земји

Деловник за работа на заедничката работна група за имплементација на меморандумот за соработка помеѓу министерството за регионален развој и јавни работи на Република Бугарија и министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија беше темата на средбата во Софија на министерот за локална самоуправа Горан Милевски со Гроздан Караџов, заменик министер-претседател на Република Бугарија и министер на регионален развој и јавни работи.

– Денеска го направивме иницијалниот состанок во пријателска атмосфера на кој го договоривме тимот за меѓусебна соработка, како и деловникот за работа по кој што ќе работи оваа заедничка комисија. Ние утврдивме дека минимум два пати годишно од двете страни на границата да имаме средби, преку тоа ќе ја интензивираме соработката помеѓу здруженијата на двете страни во Општините, рече Милевски.

Тој додаде дека според планот ќе се интензивираат соработките помеѓу двете земји, особено сите оние Општини кои што припаѓаат на регионот за Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Северна Македонија финансирана од ЕУ се со цел навремено да ги подготват нивните проекти за идниот период поточно за 2021-2027 година за претстојната ИПА 3 програма преку која максимално треба да се искористат проектите за развој на општините, а се во интерес на граѓаните од двете страни на границата.

– Граничниот премин Клепало е многу важен, така што од бугарска страна ветија дека ќе се интензивираат активностите за почеток на изработка на проектите и на реализацијата на градежните активности за отворање на овој граничен премин кој е важен за цела Источна Македонија, истакна Милевски.

Заедничката работна група (ЗРГ) ќе спроведува активности поврзани со спроведувањето на приоритетите од Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за регионален развој и јавни работи на Република Бугарија и Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија.

– Важно е дека во блиска иднина ќе остваруваме средба на градоначалниците на Општините од двете страни на границите меѓу Бугарија така што тие ќе се запознаат подобро и со тоа да разменуваат искуства како подобро да ги менаџираат Општините. За тоа се надевам сите овие средби ќе придонесат за развој на проектот за граничниот премин Клепало каде што ние се активираме и со тоа ќе се оствари поголема соработка помеѓу граѓанскиот и бизнис секторот, појасни Караџов.