(ВИДЕО) Министерката Шахпаска на средба со претседателот ССМ Дарко Димовски: Ние сме сојузник на работниците, преку социјален дијалог креираме законски решенија кои нудат заштита и почитување на нивните права

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска одржа работна средба со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ), Дарко Димовски, на која присуствуваа и секретарот на Советот на ССМ, Златко Цветковски, како и повеќе претседатели на гранкови синдикати.

„Од првиот ден на мојот мандат имам јасна определба отворено да разговарам за сите прашања кои се од интерес на работниците. Тоа и го правам. Законските решенија треба да обезбедат почитување на работничките права, затоа што, мотивиран работник е работник кој работи според јасно определени и дефинирани работни односи, на којшто му се почитуваат правата во делот на користење на годишен одмор, слободни денови, ден на неделен одмор, како и безбедност во работата“, нагласи министерката Шахпаска.

Таа рече дека изминатиов период отворено се дискутираше за новото законско решение кое предвидува недела да биде ден на неделен одмор, со цел да се изнајде најсоодветно решение кое ќе направи баланс помеѓу семејниот и професионалниот живот. Во оние дејности, нагласи Шахпаска, кои мора да продолжат да работат и во недела, на работниците ќе им биде исплатен најмалку 50% додаток на дневницата доколку со Колективен договор не е поповолно определено за работникот. Додека за работниците во трговската дејност дневницата ќе биде за 100 проценти повисока од редовната. Сите работници кои ќе работат во недела покрај дополнителна дневница ќе имаат и право на слободен ден кој ќе може да го користат во наредните седум дена.

Таа посочи дека истовремено, работните групи составени од претставници на Синдикатите, репрезентативни и нерепрезентативни, како и од Организацијата на работодавачи, експерти од академската јавност, меѓународни експерти и Меѓународната организација на трудот, работат на новиот системски Закон за работните односи. Притоа, таа истакна дека ова законско решение е во финална фаза и наскоро ќе биде отворена широка јавна дебата, со цел да се слушне мислењето на пошироката јавност.

„Особено е значајно владеењето на социјалниот дијалог во трипартитното тело, односно Економско социјалниот совет, каде што сите заедно отворено разговаравме за сите предизвици и како тие да се надминат, особено во периодот на пандемија. Тука ги креиравме пакетите економска помош за спас на економијата, зачувување на секое работно место, но истовремено и значајно внимание посветуваме на целосно почитување на работничките права“ , нагласи министерката Шахпаска.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски оцени дека со министерката Шахпаска и со Министерството за труд и социјална политика имаат одлична соработка и дека отворено разговараат за сите прашања кои се од интерес на работниците.

„Во време на пандемија благодарение на Владата на РСМ, која ги обврза работодавачите дека доколку сакаат да добијат парична помош треба да го задржат истиот број на работници, се зачуваа определен број на работни места, но со цел да ги заштитиме работниците бараме времетраењето на договорот на определено време наместо три години да се намали на најмногу една година“, рече Димовски.

Тој изрази големо задоволство од новото предлог законско решение недела да биде ден на неделен одмор кое е целосно во интерес на работниците и нивните семејства.

Двете страни изразија задоволство од досегашната соработка и подготвеност за продолжување социјалниот дијалог кој ќе биде во насока на заштита, почитување и унапредување на работничките права.

Link with us
Game bài đổi thưởng