(ВИДЕО) Премиерот Заев и министерот Бектеши од ТИРЗ Тетово: Новата заедничка инвестиција од 15 милиони евра на ЛЕАР и Нормак e нов стимул за националната економија

„Се реализира уште една значајна инвестиција за нашата земја. Денес се поставува камен темелникот на новата заедничка инвестиција на американската компанијата ЛЕАР и Нормак Инвестмент Гроуп, тука во Технолошко Индустриската развојна зона во Тетово. Инвестицијата на новиот втор циклус изнесува 15 милиони евра, а производниот погон се гради на површина од 8.000 м2. Со оваа инвестиција се отвораат нови од 1000 до 1500 работни места“, изјави премиерот Зоран Заев.

Тој додаде дека и во услови на пандемија, Владата силно се залага за одржување и зајакнување на економската активност и ги поздрави плановите на инвеститорот до ноември 2021 година да биде завршена и оваа втора фаза.

„Ваквите големи инвестиции се поддржани од државата и инвеститорите имаат поволности и низа олеснувања во повеќе фази на процесот на инвестирањето. За сметка на тоа овие инвестиции даваат голем придонес за локалниот регион во контекст на вработување, развој на човечкиот капитал, дополнително ја подобруваат извозната структура, креирајќи производи со повисока додадена вредност. Исто така, го подобруваат технолошкото ниво на економијата, а се подобрува и пристапот до меѓународните пазари на капитал. Задоволство е што светски реномирани компании, како што е ЛЕАР, која е на листата на Форчн 500, работат и во нашата земја“, истакна премиерот Заев.

На поставувањето на камен-темелникот на новата инвестиција, присуствуваа и првиот вицепремиер Артан Груби, министрите за финансии Фатмир Бесими, и за надворешни работи Бујар Османи, а се обрати и министерот за економија Крешник Бектеши кој ја поздрави новата инвестиција.

„Ваквите инвестиции и инвеститори кои што продолжуваат да ги шират инвестициите во земјата, уште еднаш ни докажуваат дека сме на вистинскиот пат како Влада во привлекувањето и поддршката на странските инвеститори. Тоа значи дека ќе се зголеми вработеноста во овој регион. Сакам да најавам дека засилено работиме на измени и дополнувања на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со што во наредниот период дополнително ќе се зголеми поддршката, а ќе се олеснат условите за сите инвеститори во земјава и новина е што финансиската поддршка ќе биде фокусирана и на рамномерниот регионален развој,” изјави Бектеши.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ рече дека новата инвестиција на компанијата ЛЕАР е конкретен доказ дека оваа Влада знае да го поттикне и искористи инвестицискиот потенцијал на компаниите.

„Компанијата ЛЕАР денес вработува над 1350 граѓани од овој регион што е за речиси 50% повеќе од првично преземените обврски. Како што при вработувањето во компаниите од ТИРЗ не се делиме на Македонци, Албанци или Турци, ги повикувам нашите политички опоненти да престанеме да ги делиме инвеститорите во зоните на „ваши и наши“ и да им ставаме чија било партиска боја. За мене, а верувам и за секој сограѓанин, многу поважно е што оваа компанија минатата година исплатила 22% повисоки плати во однос на 2019 година, а за новиот инвестициски циклус веќе преговараме за мерки со кои ќе поттикнеме значително зголемување на платите. Со овој пристап обезбедуваме подобар живот за многу наши сограѓани”, изјави Деспотовски.

Технолошко индустриска развојна зона во Тетово функционира како јавно приватно партнерство помеѓу Владата и Норамак Инвестмент Гроуп, во сопственост на приватни и државни компании од Норвешка.

„Од своето формирање до денес, во ТИРЗ Тетово вкупно се инвестирани над 40 милиони евра, но она што е важно да се напомене е тоа што тој континуитет се задржа и во време на пандемија во насока нови инвестиции и отворање на нови работни места. Земајќи ја предвид постоечката и најавата на идните инвестиции од особено значење за зоната е нејзиното инфраструктурно поврзување со автопатот Скопје – Тетово. Согласно законските можности и условите кои ги нуди ТИРЗ Тетово, домашните компании исто како и странските можат да ги користат поволностите за инвестирање во зоната“, изјави Аки Етеми, претседател на Борд на директори на Нормак Инвестмент Гроуп АД Тетово.

На настанот се обратија и амбасадорот на Норвешка, Јорн Еуген Гесталд, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, како и претседателот на Стопанска комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.

Американската компанија ЛЕАР, е меѓу светските лидери за седишта на возила со високи перформанси, водечки во оваа индустрија.

Link with us
Game bài đổi thưởng