Вилма Русковска за НоваТВ: Не се каам што бев во Шарена Револуција, за разлика од порано сега МВР запленува многу дрога, засега на Мијалков и Груевски им се запленети 32 милиони евра, може ќе запленуваме уште имот

Со главната обвинителка за гонење на организиран криминал и корупција разговаравме на повеќе теми: дали има амбиции да го замени Љубомир Јовески, дали смета дека се прави доволно на планот на борбата против криминалот, дали се плаши, но и за нејзиното учество на Шарената револуција и дали лично таа е задоволна од тоа колку се исполнети целите на “револуцијата”.

НОВА: Дали останувате на сегашната функција или имате амбиции да го замените Јовески?

-За местото на Јовески сè уште немам размислувано дали би сакала да бидам на таа функција. Јовески е сè уште на таа функција како државен главен обвинител. Доколку тој биде избран за судија во Уставниот суд ќе размислам тогаш дали ќе конкурирам за таа функција.

НОВА: Дали сте задоволна од она што го имате постигнато досега на функцијата шеф на Oбвинителството за гонење на организиран криминал?

-Делумно сум задоволна. Мислам дека доста предмети сработивме за кои постоеше голем интерес во јавноста. Дел од предметите за кои јавноста, исто така, ќе биде заинтересирана се во истражна или предистражна постапка. Но, јас секогаш велам дека може повеќе и подoбро. Капацитетите се тие кои ги имаме …

НОВА: Доволни или не..

-Апсолутно не се доволни. Не сме ни пополнети по систематизација, а јавноста треба да знае дека до скоро бевме само десет обвинители, сега сме 14 и тоа ја подобри ситуацијата. Но, тоа што ние не сме целосно екипирани според систематизација не е ничија вина затоа што на ниво на цела држава има недостаток од 60 обвинители. Сега со измените на Законот за работни односи каде што е задолжително пензионирањето со 64 години, 20 до 30 обвинители ќе одат во пензија. Новата генерација на Академија завршува во декември, така што ќе има голем проблем, минимум седум до осум месеци ќе имаме мало пополнување на испразнетите места со оглед на тоа што повеќето што завршуваат Академија сакаат да бидат судии, додека помал број сакаат да бидат обвинители..

НОВА: Зошто се плашат од обвинителската задача?

-Не се плашат. Кога ќе видите реално за иста плата судиите имаат помалку работа со новиот Закон за кривична постапка. Целиот товар е на обвинителите.

НОВА: Малку обвинители а многу корупција и организиран криминал?

-Да..

НОВА: Кога Ве прашувам за тоа колку сте задоволна од сработеното мислам и на тоа колку пари вративте во буџетот до сега?

-Реално немаме вратено многу пари во буџетот, не знам точно колку, но малку се. Во блиска иднина очекувам многу повеќе средства да се вратат во буџетот.

(Сторијата продолжува по рекламите)

ВО „ИМПЕРИЈА“ СЕ ПРИВРЕМЕНО ЗАПЛЕНЕТИ 32 МИЛИОНИ ЕВРА

НОВА: Колку имот е запленет во случајот Империја?

-Привремено е запленет имот во вредност од 32 милиони евра или 1 милијарда и 973 илјади денари.

НОВА: Зошто дојде до оваа заплена?

-Затоа што се работеше за кривично дело перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот.

НОВА: Кога сме кај ова неосновано збогатување: Сите граѓани кај нас во една мала држава се знаеме и знаеме кои луѓе станаа од нигде никаде богати. Дали обвинителството има капацитети да ги истражи ваквите сомнителни богатства? Имате ли механизми да истражите?

-Точно е. Имаме доста потешкотии во откривање на имотот, затоа што никогаш не се води на едно правно лице и на реалните сопственици. Тоа е разделено на повеќе лица. Едно лице го има, па друго има удели. Па се отвораат офшор компании како фирми ќерки. Имаме голем проблем во откривањето на вистинските сопственици. Знаеме кој имот е чиј, точно мала држава сме, но ние како обвинителство пред судот треба да настапиме со докази.

НОВА: Зошто не можете, немате доволно алатки? Или ви недостасува меѓународна соработка?

-Не реков дека не можеме, туку дека оди многу тешко. Имаме меѓународна соработка, но тоа оди бавно.

СКОПЈЕ 2014 Е ПРЕДМЕТ НА КОЈ СЕ УШТЕ СЕ РАБОТИ

НОВА: Еден од предметите на СЈО кој го наследивте е „Скопје 2014“. Тој предмет има меѓународна димензија. Дали го работите уште тој предмет или дигнавте раце?

-Уште се работи, не е оставен.

НОВА: Зошто толку долго трае?

-Затоа што е обемен предметот. Инаку имаме добра соработка со колегите од Италија. Како обвинителство имаме добра соработка со колегите од антимафија бирото во Италија. Тече соработката, но сепак станува збор за обемен предмет. Еве ако го земеме за пример предметот „Империја“, тој беше отворен во 2018 година, а вчера почнаа да се даваат известувања за завршена истрага. Беше тешко да се дојде до вистинските сопственици на имотите. Вештачењето траеше година и пол. Тоа се обемни предмети.

НОВА: Кога ве прашувам за луѓе за кои постојат објективни сомневања дека се збогатени сомнително дали имате политички опструкции да отворите истрага? Дали некои луѓе се политички заштитени?

-Кај мене не се, ако имаме сознанија и ако успееме да собереме докази тој или таа ќе подлежат на кривична одговорност. Кај мене нема заштита. Мене ми е само дали ќе успеам да соберам докази. Тоа зависи од МВР, но имаме и наш Истражен центар. За предметите за кои имаше големо внимание од јавноста „Рекет“, „Империја“, „27 Април“, поранешниот генерален секретар Рашковски, тоа го сработивме со нашите истражители.

НОВА: Колку сте задоволни од соработката со политичките институции?

-На каква соработка мислите…

НОВА: Па, на професионална, се разбира..

-Па според законот ако нешто ни треба ние пишуваме наредба и тие мора да ни достават. Ако не ни достават има казна и тука нема сакам – не сакам. Законот е јасен во тој поглед.

(Сторијата продолжува по рекламите)

ОЛИГАРХИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА

НОВА: Дали во Македонија имаме олигархија?

-Веројатно имаме, но не во толкав обем како што се оние познатите олигарси во светот.

НОВА: Па не во пари туку во моќта и влијанието..

-Па можеби има. Знам дека имаше, веројатно и има, но ние како обвинителство работиме во насока на откривање на противправно стекнат имот.

НОВА: Сте се уплашиле ли некогаш по сите оние закани што ги добивате?

-Не се плашам. Имам одамна кажано дека нашата професија носи ризик и кој не е спремен да го прифати тој ризик не може да биде обвинител.

НОВА: Заврши Рекет. Дали делото имаше намера да го растури СЈО или чисто од лукративни причини е?

-Ни едно ни друго. Никој немаше намера да го растури СЈО.

НОВА: Прашувам за оние кои биле вмешани.. дали тие имале таква намера?

-Станува збор за чиста алчност.

НОВА: Добро е што водите случаи против политичари и бизнисмени, но дали имате случаи против судии и обвинители? Не може корупцијата да се одвива ако нема луѓе и од таму…

-Предметот „Рекет“ е тоа. Еден специјален јавен обвинител отиде во затвор. Има и за судии, за судија на Управен суд, за член на Судски совет, значи има и за судии.

НОВА: Колку сте задоволни до работата на судот?

-Никогаш не коментирам судски пресуди. Јас како обвинител не си дозволувам да коментирам пресуда, ако не сум задоволна имам право на жалба.

НОВА: Имате предмети кои се ваши и седат долго време во фиока…не ли Ве интересира зошто се држат нереално долго? Предметот „Тврдина“ беше година дена во Апелација и не се постапуваше по него..?

-Тоа треба да ги прашате судиите…но јавноста треба да има предвид дека судот, обвинителството па и адвокатите две години работевме во услови на ковид кризата.. и сепак мислам дека во такви услови бевме ефикасни сите во системот. Две години сите живееме во ненормални услови. И тешко е да се бара вина во било кого.

НОВА: Јавноста нема доверба во правосудниот апарат. Јавноста смета дека политичарите си се пазарат. Каков е вашиот одговор на таквата перцепција на јавноста?

-За секој политичар од било која партија за кои сме добиле докази, сме повеле постапка. Ние сме дел од ова општество. Колку подобро функционира општеството подобро функционираме и ние. Проблем е собирањето на докази. Ако се соберат докази за нас нема недопирливи.

ИМА КОРУПЦИЈА, ГРАЃАНИТЕ ЗНААТ, НО НЕМААТ ХРАБРОСТ ДА ПРИЈАВАТ

НОВА: Значи не исклучувате можност дека политичките пазарења може да резултираат со тешкотии во собирање на доказите?

-Не мислам дека тоа е причината. Народот се жали на корупција која реално ја имаме но никој или многу малку се одважуваат да пријават и да достават барем некој доказ. Не може се да се остави на обвинителство и МВР. Сепак и граѓаните треба да дадат свој придонес во таа борба со корупција.

НОВА: Како функционира законот за свиркачи? Има ли луѓе од институциите кои ви даваат информации?

-Граѓаните немаат храброст да пријават. Корупција постои но сите треба заедно да се бориме против таа корупција. Според законот за свиркачи имаат многу механизми за заштита но не се охрабруваат.

(Сторијата продолжува по рекламите)

ЗА УЧЕСТВОТО ВО ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА

НОВА: Учествувавте во Шарената револуција. Зошто?

-Сега ќе ви кажам. Доаѓам дома од работа а тој ден склучив предлог спогодба како обвинител за обвинет да лежи девет месеци затвор затоа што чувал четворица мигранти на таван. Среќа што меѓу мигрантите немаше некој малолетен инаку ќе мораше да лежи четири години затвор. И доаѓам тој ден дома и слушам дека Иванов потпишал амнестија. И како обвинител и како човек ми дојде лошо. Си викам овој ќе лежи девет месеци за мигрантите на таван, а овие со прислушувања и корупции ќе бидат слободни. Да ја немав склучено тој ден таа предлог спогодба можеби немаше да излезам. Јас после тоа како обвинител сама немаше да можам да се погледам во огледало.

НОВА: Има ли дела од тоа време кои ви стојат на совест?

-Јас бев шеф на Одделението за општ криминал. Стојам позади сите обвиненија кои сум ги работела.

НОВА: Полицијата фаќа луѓе со како што велат грам прашкаста материја, еден џоинт…но не сме слушнале да биде разбиена поголема криминална група во чии раце се поголеми количини дрога..

-Има такви. Сега се фаќа повеќе дрога. Има поголеми заплени на хероин но не на кокаин.

НОВА: Зборувам за криминални мрежи обвинителке….

-Ние работиме само тоа. Организирани групи. Ќе фатиш една ќе дојде друга. Секаде во свет е така. Не се искоренува.

НОВА: Но ги немате големите босови освен поситните играчи..

-Поголемите босови барем тие за кои ние знаеме, не се ни во државата…

НОВА: Како учесник во Шарената револуција: Многумина се разочарани од резултатите. Вие како Вилма какво е вашето доживување?

-Во суштина не го добивме она за што се залагавме – драстично намалување на корупцијата, заплена на неосновано стекнат имот, а се уште има и обиди за политички влијанија…

НОВА: Значи постоеле политички влијанија. Зборуваме за нешто што е дел од вашиот мандат..

-Јас како раководител на ова обвинителство давам максимални напори.

НОВА: Па добро дали не успеавте, штом сега сте незадоволна од резултатите на Шарената и очекувањата од неа?

-Се сработија големи предмети. Но ви реков дека до есента бевме само десет обвинители. Секогаш може подобро. Видете го извештајот на Европската комисија и ќе видите дека само за нашето одделение има пофални зборови. Од тој аспект сум задоволна но како човек се стремам за повеќе.

(Сторијата продолжува по рекламите)

НОВА: Се ближи 27 април. Опозицијата Ве обвинува за политички процес.

-Тоа беше чист криминален акт. Што е тука политички. Беа тепани пратеници, маса народ влезе внатре. Луѓе со качулки и оружје. Каде е тука политика, тоа е криминал.

НОВА: Обвинета сте дека го формиравте предметот само врз еден исказ на сведок кој се смета за нерелевантен.

-Не е само врз база на сведокот. Доколку го следевте процесот ќе видите дека имавме доста материјални докази. Не може само на исказ на еден сведок да се базира цел процес.

НОВА: Криво ви е што Груевски избега?

-Се разбира дека ми е криво.

НОВА: Имаше ли поддршка од некого за да избега?

-Јас како обвинител можам да кажам нешто само ако имам доказ а таков доказ немам, што не значи дека не е точно тврдењето дека имал поддршка.

НОВА: Имате ли соработка со институциите во Унгарија? Испративте ли документи за случајот „Плацови на Водно“?

-Испратено е се, но немаме ништо повратно. Очигледно го штитат, му дадоа азил.

НОВА: Како дел од Шарената револуција, кога сме кај разочарувањата: Предметот за Тамара не е под ваша надлежност. Но, еве како Вилма и како дел од Шарената какво е вашето мислење за тоа што овој предмет пропадна?

-Тешко ми е да кажам. Јас сум обвинител и што и да кажам ќе се сфати погрешно од обвинителска гледна точка, затоа подобро да ги прашате колегите од надлежното обвинителство.

Борјан Јовановски

Link with us
Game bài đổi thưởng