Владата побарала отчет од Тупанчески за патувањето во Палермо

Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, во чиишто овластувања спаѓа и надзорот врз почитувањето на Етичкиот кодекс на функционерите, денеска испратила официјален допис до министерот за правда Никола Тупанчески, со кој побарала извештај и сметки за престојот на министерот во Палермо, пишува СДК.мк.

Тупанчески беше „уловен“ од камерите од телевизискиот пренос како се радува на победоносниот гол на Александар Трајковски, а заедно со него во првиот ред од ложата за важни гости беа вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и претседателот на Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев.

Како што неофицијално дознава СДК.мк, Грковска побарала отчет од Тупанчески за транспортните трошоци, за начинот на кој што влегол и добил столче во ложата на фудбалскиот натпревар Италија-Македонија, како и за престојот во хотелот.

Од Кабинетот на вицепремиерката Грковска официјално, во одговор на новинарско прашање, велат дека сите министри се должни да го почитуваат Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата.

„Сите министри, замениците на министрите и другите носители на извршни функции именувани од Владата на Република Северна Македонија се должни да го почитуваат Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, чија цел е јакнење на интегритетот на Владата и јакнење на довербата на граѓаните во институциите“, велат од кабинетот на вицепремиерката, која е надлежна за спроведување на етичкиот кодекс.

И претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска во петокот, ден по натпреварот во Палермо, ги повика тројцата да кажат кој им го платил патувањето. Министерот Тупанчески и обвинителката Фетаи кажаа дека сами си го платиле патувањето, а само Фетаи приложи и уплатница за сместувањето. Влезниците за ложата и авионскиот превоз биле на сметка на Фудбалската федерација на Македонија.

Link with us
Game bài đổi thưởng