Во американскиот Сенат предложен закон за борба против корупцијата и за економски развој на Западен Балкан

Група американски сенатори од Демократската и Републиканската партија презентираа нацрт-закон чија цел е поддршка на економскиот развој, трговијата и борбата против корупцијата, вклучително и изготвување закон за специјални санкции за борба против дестабилизирачките активности на Западен Балкан, пренесува РСЕ.

Предлог-законот, инаку познат како закон за демократија и просперитет на Западен Балкан, беше претставен од демократската сенаторка Џин Шахин, претседател на Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка и републиканскиот сенатор Роџер Викер.

Иницијативата доаѓа во време на зголемена загриженост во регионот поради војната во Украина.

Сенаторот Шахин вели дека односот на САД со Западен Балкан е клучен во овој момент, каде што се очигледни намерите на рускиот претседател Владимир Путин да шири злонамерно влијание низ Источна Европа.

„Новиот закон предложен од двете партии ги зајакнува трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, а истовремено се бори против корупцијата, преку усвојување посебен закон за санкции против дестабилизирачките актери. Сето ова го отвора патот за пошироки евроатлантски интеграции“ рече Шахин при претставувањето на иницијативата на нејзината веб-страница.

Нацрт-законот му наложува на државниот секретар да обезбеди техничка помош за секоја земја од Западен Балкан во развојот на националната стратегија за борба против корупцијата.

Тој, исто така, предвидува враќање во законот на две извршни наредби кои ќе го гарантираат правото на санкции против оние што ги загрозуваат мирот и стабилноста на Западен Балкан и кои се вклучени во коруптивни практики.

Исто така, има за цел да ги промовира универзитетските партнерства, да го поттикне ангажманот на Мировниот корпус во регионот, да создаде иницијатива за млади лидери на Балканот и, како што претходно бараше Развојната финансиска корпорација, да отвори претходно најавена канцеларија во регионот.

Сенаторот Шахин предводеше група американски сенатори кои ги посетија Косово, Србија и Босна и Херцеговина во април поради загриженоста за влијанието на конфликтот во Украина врз Западен Балкан. Нивната посета имаше за цел зајакнување на врските меѓу Вашингтон и Западен Балкан.

Сенаторот Викер рече дека нацрт-законот ќе испрати силен сигнал дека САД се посветени на поддршката на дипломатијата во регионот.

Исто така, сенаторите Дик Дурбин, Том Тилис, Крис Ван Холен, Бен Кардин и Крис Марфи го поддржуваат овој предлог-закон.

За сенаторот Тилис, во време кога Русија ја продолжува својата нелегална војна против Украина и им се заканува на сојузниците на НАТО, регионот на Западен Балкан е клучен за безбедноста на Европа.

Сенаторот Бен Кардин, претседател на Комисијата за безбедност и соработка во Европа, позната како американска хелсиншка комисија, рече дека во време кога земјите од Западен Балкан направија големи чекори кон демократското владеење, од крајот на војните во поранешна Југославија, политичките поделби и растечката корупција се закануваат да го загрозат овој напредок.

„Мораме да продолжиме да ги поддржуваме нашите демократски партнери и сојузници од Западен Балкан. Овој двопартиски нацрт-закон ќе ги унапреди регионалните напори за стабилност и антикорупција преку создавање програми кои поттикнуваат инклузивен економски развој, национална антикорупциска стратегија и ги повикуваат на одговорност оние што го загрозуваат мирот на Западен Балкан“,рече тој.

Американските сенатори гледаат на нацрт-законот како можност за дополнително зајакнување на односите меѓу САД и Западен Балкан, проширување на економските можности и поддршка на напорите за подобрување на демократијата и искоренување на корупцијата.