Во организација на Центарот за напредни истражувања од Скопје, а со партнерство на Академската мрежа за соработка во Југоисточна Европа, денеска во Скопје се одржа Меѓународната конференција „Духот и сенките на Југославија: рефлексии и процеси, 30 години од распадот на СФРЈ“

Проф. д-р Рубин Земон, еден од организаторите на конференцијата, во изјавата за АА, истакнувајќи дека 30 години се доволен период за да се направи пресек и анализа на распадот на СФРЈ, рече дека поранешна Југославија е распадната од повеќе причини, пред сѐ економски, општествено-политички, идентитетски и националистички.

Посочувајќи дека целта на Меѓународната конференција не е за да се предизвика некоја носталгија за тоа време, Земон рече дека сакаат од научен аспект да видат дали регионот се развива или не се развива и како да се оди понатаму.

На прашањето кој е духот останат на овие простори од поранешна Југославија, професорот Рубин Земон рече:

„Духот е во тоа дали воопшто има солидарност, нема солидарност, тоа што се случуваше, ете да кажеме кога починаа голем број поранешни југословенски музички, филмски ѕвезди [Ѓорѓе] Балашевиќ, Оливер Драгојевиќ итн… видовме дека цела поранешна Југославија на некој начин тагуваше за тие ѕвезди.“

Земон, исто така додаде дека духот од поранешна Југославија можеше да се види кога почина Тоше Проески, бидејќи тогаш граѓаните на цела поранешна Југославија и пошироко жалеа како да е нивно дете.

Сенките од поранешна Југославија, како што рече професорот Земон, се лошите работи, на пример национализмот, омразата и нетрпеливоста кои се појавија по распадот на Југославија.

Осврнувајќи се на економијата во земјите по распадот на поранешна Југославија, Рубин Земон рече дека државите по распадот на СФРЈ економски се 11 пати позадолжени.

„Економски, тоа што го слушаме од економистите, вкупно сите поранешни републики, држави, 11 пати се позадолжени откако се распадна Југославија“, додаде Рубин.

Професорот Рубин Земон исто така нагласи дека по распадот на СФРЈ појавени се негативни процеси како што се клиентелизмот и корупцијата која прилично се подигна.

На Меѓународната конференција која е хибридна (со физичко и онлајн присуство), учествуваа научници од Северна Македонија и поранешните југословенски републики и покраини.

ИЗВОР: АГЕНЦИЈА АНАДОЛУ

Link with us
Game bài đổi thưởng