ВОЈНАТА ВО УКРАИНА СИ ГО ПРАВИ СВОЕТО – Зачекоривме во зона на двоцифрена инфлација: За една година 10,5 проценти!

Трошоците за храна во април, во однос на период пред една година се зголемени дури за 14,8 проценти

Трошоците за живот во април 2022 година, во однос на ланскиот април се зголемиле за 10,5 проценти објави Државниот завод за статистика. Само за еден месец пак, во април годинава, во однос на март – инфлацијата е 2,2 проценти.

Трошоците за храна во април, во однос на период пред една година се зголемени дури за 14,8 проценти. Во рамките на храната, најголем скок има на цените во ставката „масти и масла“ од дури 31,9 проценти. Цената на електричната енергија е зголемена за 9,5 проценти, на гасот е 46,5, а на течните горива дури 53,3 проценти.

За една година поскапел и мебелот, за 3,5 проценти, како и апаратите за домаќинства за 5,6 проценти.

Прогнозите за инфлацијата не се смирувачки. И Народната банка потврди дека претстои период на нагорни притисоци за цените. Од Агенцијата за храна на Обединетите нации оценуват дека се ова највисоки цени во последните децении, но предупредија и на понатамошен раст.

Многу европски земји пријавија двоцифрена инфлација уште во март. Евростат објави дека инфлацијата во Холандија во март била 11,9 проценти, 14,8 отсто во Естонија и 15,6 отсто во Литванија, а дека најкритична е ситуацијата во Турција, каде инфлацијата била 61,13 проценти.