Вториот дел од разговорите на претседателот на Србија Александар Вучиќ со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак и претставникот на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар заврши утринава 15 минути по полноќ.
Вучиќ потоа кажа дека разговорите ќе продолжат, во надеж дека ќе се постигне некое компромисно решение.
„Верувам дека ќе можеме во следните денови кои се пред нас макар за еден мал дел да постигнеме некое компромисно решение, бидејќи е јасно дека околу табличките и некои поважни прашања до такво решение не може воопшто да дојде“, порача Вучиќ.
„Но, во деновите пред нас ќе работиме вредно да го сочуваме мирот за нашиот народ, а истовремено да обезбедиме иднина за опстанокот на Србите на Косово и Метохија“, порача претседателот на Србија.