Како резултат на Отворен Балкан меѓу Србија и Македонија трговската размена пораснала од 12,5 на 29 проценти, а меѓу двете земји сега сообраќаат помеѓу седум и осум илјади камиони, објави на денешната прес-конференција претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Анализирајќи ја кризата во енергетиката тој рече дека состојбите би биле подобри доколку постои гасна конекција меѓу двете држави. Македонскиот премиер Ковачевски дополни дека гасната конекција би се воспоставила првин со Грција преку преминот Евзони и Неготино каде треба да се надоврзе потоа и Србија.
Вучиќ уште еднаш ја потенцираше важноста на соработката во кризата што доаѓа. Тоа што го има Србија, ќе го имаат и Македонија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, рече тој.
Прашан дали присуството на масата на турскиот шеф на дипломатијата поради односите со Грција и унгарскиот министер поради односите со Италија, може да ги наруши перспективите на регионот, Вучиќ рече дека имал ветување од грчкиот амбасадор дека ќе дојде на самитот, но не знае зошто не дошол. Тој ја посочи позитивната улога на Отворен Балкан за поширокиот регион и одговори дека лидерите работеле вчера до доцните вечерни часови, разговарале и со Чавушоглу и дека разликите мора да се надминат за доброто на сите граѓани во регионот.