„Ќе ја зајакнеме нашата авијација. Ќе го зголемиме и бројот на дронови“
Вучиќ: Србија сака да купи беспилотни летала „Бајрактар“ од Турција
БЕЛГРАД (АА) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дополнително зајакнување на одбраната на земјата, повторувајќи ја намерата за купување на турски борбени беспилотни летала, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ рече дека во текот на минатонеделните разговори побарал од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на Србија да ѝ испорача беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“.
„Пред два дена во разговор со претседателот на Турција, Ердоган, реков дека од Турција сакаме да купиме „Бајрактар“, а Ердоган ми вети дека можеме да ги добиеме“, истакна Вучиќ.
Србија кон крајот на 2020 година изрази заинтересираност и соопшти дека планира да купи дронови развиени од турската компанија „Бајкар“.
Вучиќ го пофали дронот „Бајрактар ТВ2“ и додаде дека Србија е многу заинтересирана за системите и дека сигурно ќе ги купува во иднина.
Српскиот претседател тогаш кажа дека тоа се добри дронови и му честита на турскиот производител.
Тој тогаш вети дека ќе ја зајакне одбраната на Србија.
„Ќе ја зајакнеме нашата авијација. Ќе го зголемиме и бројот на дронови“, рече Вучиќ.
Во телефонскиот разговор, Ердоган минатата недела му честита на Вучиќ на успешниот повторен избор на функцијата претседател на Србија, велејќи дека пријателството на двете земји ќе биде дополнително зацврстено со солидарност и искреност.
Говорејќи за тоа дека целиот регион е погоден поради војната на Русија и Украина, Ердоган исто така повтори дека Турција ќе продолжи да вложува максимални напори во мировниот процес.
Тој укажа на потребата во овој тежок период да се даваат конструктивни пораки и да се обезбеди поголема стабилност и безбедност во регионот.
Способноста на „Бајрактар ТБ2“ на терен е повеќепати докажана од страна на Вооружените сили на Турција и војските на земјите кои веќе ги имаат набавено дроновите.
„Бајрактар ТВ2“ е продаден во повеќе земји, меѓу кои се и Украина, Азербејџан, Катар и Полска. Полска во мај стана првата земја членка на Европската Унија и НАТО која ги набави дроновите од Турција.