Заев: Не ни треба Европска унија, ако сакаат да преговараме за македонскиот јазик и идентитет

Нема кој да влезе во ЕУ, затоа што мнозинството народ во државата се Македонци. Ниту оваа, ниту пак која било влада има право да разговара за македонскиот јазик и македонски идентитет, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање на Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, зошто нема почеток на преговори со ЕУ, кога тој тврдел дека Преспанскиот договор ни гарантира членство.

– Не ни треба Европска унија, ако некој сака да преговараме за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа што ќе бидеме обезличени. Истите вие кои велите дека отиде Заев во Софија да направи ново предавство, истите вие велите зошто не испорачавте членство во ЕУ. Кои се всушност вашите ставови? Да го штитиме македонскиот идентитет или по која било цена да направиме договор со Бугарија за да можеме да станеме членка на ЕУ – праша Заев, кој ги нарече опозиционерите квази-патриоти.

Тој објасни дека со Бугарија се разговара за патоказ, што е предлогот во португалското решение на проблемот. Заев појасни дека во патоказот се наведени сите области за соработка, како на пример изградба на инфраструктура, отворање гранични премини, подобра соработка меѓу институциите.

– Вториот дел, во кој се осврнуваме во патоказот е интензитетот на состанување на историско образовната комисија, без да се прецизира за тоа што Комисијата разговара оти таму членуваат експерти. На едно место каде што се спомнува македонскиот јазик, стои дека се работи за два слични, но различни и меѓународно признаени јазици – вели Заев.

Тој рече дека не се започнати преговорите со ЕУ, поради внатрешната состојба во Бугарија, која нема политичка влада и нема конститутиран парламент. Заев верува дека во периодот што следи, ќе продолжат разговорите со Бугарија.

Link with us
Game bài đổi thưởng