Од почетокот на израелската копнена операција во Рафах на 6 мај, од градот побегнале 800.000 луѓе, соопшти синоќа шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини. Тој истакна дека луѓето се кријат во урнати згради и во области каде што е прекинато водоснабдувањето, а санитарни јазли не постојат.
„Секој пат се принудени да ги остават зад себе неколкуте работи што ги имаат: душеци, шатори, прибор за готвење и основни предмети што не можат да ги понесат со себе“, истакна Лазарини на социјалната мрежа „Х“.
Тој нагласи и дека Ал-Маваси, наводната безбедна зона во близина на Рафах, всушност е песочна област со големина од само 14 квадратни километри, во која се наоѓале 400.000 луѓе пред последната израелска ескалација.