Американскиот актер Шон Пен (61) ги повика своите колеги во Холивуд да ги бојкотираат Оскарите доколку организаторите не му дадат можност на претседателот на Украина, Володимир Зеленски да се приклучи на доделувањето на наградите во Лос Анџелес во недела навечер и да одржи говор.
Тој најави и дека ќе ги уништи сите негови златни статуетки доколку Академијата не му дозволи на Зеленски да и се обрати на јавноста за време на Оскарите, пренесува Си-Ен-Ен.
„Ги повикувам сите вклучени во церемонијата да разберат, иако разбирам дека ова можеби е време за славење, дека ќе блеснат повеќе ако се побунат и ги бојкотираат Оскарите“, изјави Пен за Си-Ен-Ен.
Пен е добитник на два Оскари, но рече дека ќе го „поткопа“ овогодинешното доделување на наградите доколку организаторите не му дозволат на Зеленски да одржи говор на церемонијата.
„Ако добро разбирам, веќе е донесена одлука тоа да не се дозволи. Но, ако Академијата не дозволи спроведување на овој предлог и ако нејзините членови не мислат дека треба да ги поддржиме украинските лидери кои добиваат куршуми и бомби за нас, додека се обидуваат да ги заштитат своите деца…, тогаш мислам дека ова е најшокантниот момент во Холивудската историја“, рече Шон Пен.
ФОТО: EPA/KATE GREEN / POOL