Холандскиот производител на пиво Heineken соопшти дека ќе го напушти рускиот пазар поради руската инвазија на Украина.
„По претходно објавениот стратешки преглед на нашето работење, заклучивме дека сопственоста на Heinekenбизнисот во Русија повеќе не е одржлива ниту остварлива во сегашното опкружување. Како резултат на тоа, решивме да ја напуштиме Русија“, соопшти компанијата. Heineken веќе ги стопираше новите инвестиции и извозот во Русија и ја запре продажбата, производството и рекламирањето на пивото од брендот Heineken во земјата.
„Шокирани сме и длабоко тажни гледаме како војната во Украина продолжува и се интензивира“, рече Heineken. „Ние се стремиме кон уреден трансфер на нашиот бизнис на нов сопственик во целосна согласност со меѓународните и локалните закони. За да обезбедиме постојана безбедност и благосостојба на нашите вработени и да го минимизираме ризикот од национализација, заклучивме дека е од суштинско значење да продолжиме со неодамна намалените операции во овој преоден период“, се додава.
Heineken рече дека ќе им исплати плати на своите 1.800 вработени во Русија до крајот на 2022 година и „ќе направи се за да го заштити нивното идно вработување“.
Финансиски импликации на производителот од овој потег се проценуваат на 400 милиони евра.