Најмоќниот полски политичар, Јарослав Качињски, го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан затоа што одби да ја осуди Русија за масовните убиства на цивили во Буча, Украина.
„Мојата оценка е недвосмислено негативна – морам да признаам дека сето тоа е многу тажно“, изјави за Радио Плус Качински, вицепремиер и лидер на владејачката партија Право и правда. „Кога Орбан вели дека не може да види што се случило во Буча, мора да му се советува да оди на очен лекар“.
На својата прва прес-конференција по освојувањето на четвртиот мандат во средата, Орбан рече дека му се јавил на рускиот претседател Владимир Путин за да побара „итен прекин на огнот“ во Украина, но исто така одби експлицитно да ја осуди Русија поради настаните во Буча, велејќи дека истрагата треба да биде на прво место бидејќи „живееме во време на масовна манипулација“.
Откако руските војници се повлекоа минатата недела од Буча, град веднаш надвор од Киев, украинските власти открија тела на луѓе кои биле врзани и застрелани од непосредна близина, како и масовни гробници на локални жители. Руските официјални лица постојано ги отфрлаа наводите дека нивните војници се одговорни, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров изјави во вторникот дека сцените се „провокација“ од Украина со цел да ги наруши тековните мировни преговори.
Војната во Украина го затегна вообичаено цврстиот сојуз на Полска и Унгарија, при што континуираните блиски врски на Орбан со Путин особено предизвикаа гнев од Варшава. Полска е еден од најжестоките европски застапници за руско енергетско ембарго, додека Унгарија го отфрли таквиот потег, нарекувајќи го „црвена линија“.
Сепак, Орбан зазеде помирувачки тон кон Варшава во својот говор во средата, тврдејќи дека „сојузот на Унгарија со Полска мора да се зацврсти бидејќи не можеме да останеме сами во оваа бура“.
Двете земји со популистичко управување се штитат една со друга од напорите на ЕУ да ги натера да се усогласат со владеењето на правото и демократските стандарди на блокот. Но, во петочното интервју, Качински повторно го критикуваше континуираниот дијалог на унгарскиот лидер со Путин и предупреди дека тоа може да има импликации за сојузот Варшава-Будимпешта.
„Не можеме да соработуваме како во минатото ако ова продолжи“, рече тој