Првиот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев ги повика сите жители да се соберат околу актуелниот претседател Касим-Жомарт Токаев со цел да се надмине кризата и да се обезбеди интегритет на земјата. Ова го соопшти прес-секретарот на поранешниот шеф на државата. Според него, Назарбаев сега е во Нур-Султан. Претходно се тврдеше дека полетал за Кина, објави денеска Риа Новости со што ги демантираше претходните пишувања. Вчера руската агенција објави дека два приватни авиона, наводно на семејството Назарбаев, слетале на киргистанскиот аеродром Манас во Бишкек, едниот од Македонија, а другиот од Обединети Арапски Емирати. По кусо време, двата авиона заминале од Киргистан.
Денеска Риа Новости објавува дека Назарбаев одржал неколку телефонски разговори со „шефовите на пријателските држави“.
Информацијата дека македонски авион има врска со евентуално бегство на Назарбаев ја демантираа денеска и од Агенцијата за цивилно воздухополовство за СДК.мк. Оттаму потврдиле дека на 7 јануари имало лет од Скопје за аеродромот Манас во Бишкек со 3 патници. Авионот дошол од Истанбул и заминал за Бишкек. Но, авионот нема никаква врска со Казахстан, експретседателот Назарбаев и евентуалното негово пребегнување. Според АЦВ, станува збор за најавен и одобрен бизнис лет со авион од типот „бомбардиер глобал експрес“ од турски оператор што ги исполнува сите услови и барања, односно што ја доставил целокупната потребна документација за да добие одобрение од македонските воздухопловни власти
Масовните протести во републиката започнаа во првите денови на 2022 година, а причината за незадоволството на жителите на градовите Жанаозен и Актау на западот на земјата беше двојното зголемување на цената на течниот нафтен гас што се користи за полнење на автомобили. Потоа, луѓето излегоа на улиците во другите градови, имаше неколку судири со казахстанските безбедносни сили, има жртви од сите страни.
До 19 јануари во Казахстан е на сила вонредна состојба, властите ги чистат плоштадите од поттикнувачите на акциите.
Претседателот Касим-Жомарт Токаев ја распушти владата и нареди воведување регулација на продажните цени на горивото, но немирите продолжија. Шефот на државата го предводеше и Советот за безбедност, на чиј прв состанок ситуацијата во Казахстан ја нарече „поткопување на интегритетот на државата“ и рече дека се обратил за помош до ОДКБ.
За време на немирите, членовите на организацијата испратија колективни мировни сили во републиката.