Украина ќе потпише безбедносни гаранции само по повлекување на руските трупи

Преговори Украина-Русија / Фото: ЕПА/ЕФЕ
Потпишување договор за безбедносни гаранции за Украина е можно дури откако руските војници ќе се вратат на своите позиции од 23 февруари 2022 година. Тоа го изјави постојаниот претставник на Украина во Советот за безбедност на ОН, Сергеј Кислица.

Кислица нагласи дека страните во руско-украинските разговори ќе ги продолжат консултациите за подготовка на договор за безбедносни гаранции за Украина. Тој појасни дека станува збор за „механизам за воведување прекин на огнот, повлекување на војниците и другите вооружени формации, трајно безбедно функционирање на хуманитарните коридори, како и размена на жртви, ослободување воени заробеници и цивили”.

– Потпишувањето договор за безбедносна гаранција ќе биде можно само откако сите руски вооружени групи ќе се вратат на своите позиции од 23 февруари 2022 година, нагласи украинскиот постојан претставник во ОН.

Според Кислица, прекинот на огнот и деескалацијата во Украина нема да се случат наскоро.

– Разговорите во Истанбул покажуваат дека Русија можеби е подготвена да оди напред, но има уште долг пат пред одржлив прекин на огнот и севкупна деескалација”, рече тој.

Преговорите меѓу делегациите на Москва и Киев за ситуацијата во Украина продолжија вчера во Истанбул.

Шефот на руската делегација, Владимир Медински, по средбата изјави дека Русија добила писмени предлози од Украина за договор меѓу двете земји. Откако ќе ги разгледа тие иницијативи, Москва се очекува да претстави контрапредлози.

Дополнително, Москва прави „два чекори” кон Киев, со предлог средбата на претседателите Путин и Зеленски да се одржи порано од планираното – истовремено со парафирање мировен договор на ниво на министерства за надворешни работи, а за тоа Русија ќе ја намали воената активност во областите околу Киев и Чернигов.