Зеленски: Спремни сме да разговараме за неутрална Украина, но не и за Украина без војска

Украинскиот претседател Володимир Зеленски / Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO
Украина е подготвена да разговара за усвојување на неутрален статус како дел од мировниот договор со Русија, но тоа треба да го гарантираат трети страни, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Зборувајќи со група руски новинари преку видеоповик, Зеленски рече дека руската инвазија предизвикала уништување на градовите во кои се зборува руски, пренесе Ројтерс.

Украинскиот претседател вели дека штетата е поголема од руските војни во Чеченија.

„Безбедносни гаранции и неутралност, ненуклеарен статус на нашата држава. Ние сме подготвени да одиме кон тоа. Ова е најважната точка“, рече Зеленски.

Зеленски цело време разговараше со новинарите на руски јазик и откри дека Украина разговарала за употребата на овој јазик во Украина во преговорите со Русија. Но, тој истакнува дека Украина одбила да разговара за други руски барања, како што е демилитаризацијата на земјата.