Грција ќе остане пионер во напорите за проширување на ЕУ, порача Герапетритис. Муцунски очекува средбата да биде нов лист во добра комуникација меѓу двете влади. Пишува Катерина Блажевска
Грција отсекогаш ја поддржувала и била една од пионерските земји која го ставила на дневен ред и како приоритет прашањето за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Ова е пораката на грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис по средбата со групата „Пријатели на Западен Балкан“ и со министрите за надворешни работи од тој регион, како и по билатералната средба со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски, на маргините на 79-то заседание на Генералното собрание на ОН.
„Ние продолжуваме да ја поддржуваме европската перспектива. Се обидуваме да најдеме начини за да има моментум за проширување“, изјави Герапетритис пред грчките медиуми. Важноста на тој чин ја објасни со фактот што Европа се наоѓа на раскрсница со огромни предизвици во однос на одбраната, развојот и конкурентската позиција на ЕУ во светот, поради што, како што нагласи – „Европа треба да остане силна, обединета и проширена“.
„Потребата оваа европска перспектива да остане постојано активнa, имав можност да ja истакнам во моето присуство на состанокот на ‘Пријателите на Западен Балкан’, но и потоа, на средба со министерот за надворешни работи на Северна Македонија. Се разбира, со апсолутно почитување на европското законодавство и меѓународното право, особено на меѓународните договори. Сите ние разбираме дека европската перспектива оди преку почитување на меѓународното право, така што Европа останува столб на стабилност на меѓународната сцена. За меѓународната безбедносна стратегија да остане активна, не треба да има селективна примена на меѓународните договори“, изјави Герапетритис, кој со Муцунски имаше средба во канцелариите на Постојаната мисија на Грција во ОН. Грчкиот министер потенцира и дека Грција е „во центарот на меѓународниот интерес поради нејзиното учество во Советот за безбедност во периодот 2025-2026 година“, со оглед дека таа беше избрана за една од петте нови непостојани членки на Советот за безбедност на ОН, чиј двегодишен мандат ќе почне на 1 јануари 2025 година.
„Грција ќе остане пионер во напорите за проширување на ЕУ. Ние сме силниот пол на стабилност на Балканот и Источниот Медитеран. Ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Меѓународното право останува наш компас и секогаш ќе го нагласуваме“, порача шефот на грчката дипломатија.
Софија ја изгуби улогата
Пред шест години ваква проактивност рефлектираше Софија. Ѕвездените моменти на овој план таа ги достигна во 2018 година, кога ја промовираше нејзината водечка улога во поддршката на европската интеграција на Западен Балкан. Тоа посебно беше нагласено на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија во 2018 година, организиран кога Бугарија претседаваше со Советот на ЕУ. Но, од ноември 2020 година, кога токму Бугарија стави вето за почеток на преговори на РСМ со ЕУ, односно не ја одобри рамката затоа што таа „не ги одразувала бугарските барања“, веќе четири години по ред Софија е далеку од ореолот „поддржувач и катализатор на проширувањето“ и од улогата на клучен медијатор на Балканот.
Со тоа „топката“ останува на теренот на Атина, која и покрај јулските реакции до раководството на РСМ за непочитување на Преспанскиот договор во однос на употребата на официјалното име на државата, не го спушти нивото во комуникацијата, како што тоа се случува на релација Софија – Скопје, особено овој месец по отсуство на македонското знаме на средбата Сиљановска-Радев и реакциите за изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николоски на таа тема. Последна во низата критики на сметка на РСМ дојде од претседателот на пратеничката група на ДПС, Делјан Пеевски, долгогодишен партнер во владите на Бојко Борисов.
ДПС, Делјан Пеевски, Бугарија
Претседателот на пратеничката група на ДПС, Делјан Пеевски, бара прогласување на македонскиот министер Александар Николоски за персона нон грата.
„Ако во Бугарија има соодветни државни институции и служби, вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, веднаш треба да биде прогласен за персона нон грата“, изјави Пеевски, а прес-центарот ја дистрибуираше преку партиско соопштение.
Според Пеевски, прогласувањето на Николоски за персона нон грата е најмалку што требало да се преземе по систематското сеење омраза кон Бугарија и бугарскиот народ. Владата на Мицкоски ја нарече „проруска“ и оцени дека проблемот веќе не може да се реши „со едно проформа извинување“.
„Раздорот е вредносен и спротивставува два света – оној на евроатлантските демократии и оној на пропутинската, антидемократска закана. Како европска држава ние не можеме да останеме пасивни или псевдодипломатски, туку треба да ги заштитиме честа и достоинството на Бугарија и на бугарските граѓани затоа што во спротивно би учествувале во легитимирањето на јасните канали на проруското влијание во срцето на Европа“, изјави Пеевски.
Тој повика на „итни мерки како одговор на провокациите, кои ќе бидат конзистентни и категорични“.
Нов лист во односите меѓу двете влади
Додека во релациите меѓу Скопје и Софија засега нема примери за фалење, Муцунски вчерашната прва средба со шефот на грчката дипломатија ја оцени како одлична, позитивна и конструктивна. На средбата било отворено и прашањето за примена на Преспанскиот договор.
„Сметам дека во духот на добрата верба и во духот на почитувањето на обврските кои произлегуваат од меѓународното јавно право заеднички ќе работиме сите да ги реализираме обврските кои што ги имаме“, ја пренесе МИА изјавата на Муцунски по средбата, на која според министерот се разговарало „многу повеќе за она што може да нѐ обедини, отколку она што може да нѐ раздели“.
Македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски: Нов лист во односите меѓу двете владиФотографија: Petr Stojanovski/DW
Герапетритис и Муцунски зборувале и за Коридорот 10, за енергетското поврзување, за стимулирање на трговијата, за потребата од подобрување на меѓусебните политички односи и како да се движи напред процесот на европска интеграција.
„Се договоривме понатаму да имаме активна комуникација по однос и на предизвиците кои секако ќе се појавуваат помеѓу двете држави. Очекуваме денешната средба да биде отворање на еден нов лист на односите помеѓу двете влади на добра комуникација. Разговараме за многу проекти кои заеднички можеме да ги реализираме, а коишто ќе донесат економска благосостојба и за двете држави и народите на двете држави и за подобро поврзување – и од инфраструктурна, и од енергетска гледна точка“, изјави Муцунски.
Тој го поканил грчкиот министер за надворешни работи Герапетритис да дојде во посета на нашата земја, а засега немало најава за средби на претседателско или на премиерско ниво. Претходно Муцунски учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи од Западен Балкан и групата „Пријатели на Западен Балкан“, каде фокусот бил ставен на забрзувањето на процесот на интеграција на регионот во ЕУ.
„Ја потврдив нашата стратешка цел за членство во ЕУ и ја нагласив посветеноста за натамошни реформи, со фокус на владеењето на правото, борбата против корупцијата и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Ја повторив и посветеноста кон унапредувањето на регионалната соработка, особено во економијата и трговијата“, напиша Муцунски на Фејсбук.